Боларис: Се фокусираме да го добиеме најдобриот можен резултат за учебниците

Верувам дека штом постои добра волја, ќе успееме, се фокусираме за да го имаме најдобриот можен резултат и ќе го имаме, вели заменик министерот за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис..

Верувам дека штом постои добра волја, ќе успееме, се фокусираме за да го имаме најдобриот можен резултат и ќе го имаме, вели заменик министерот за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис, кој воедно го предводи грчкиот тим во Комитетот за учебниците и изразува оптимизам дека од следната учебна 2019-2020 година, Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања, ќе успее да ги отстрани иредентизмот и ревизионизмот од учебниците.

На прес конференција во грчкото МНР, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, Боларис објасни дека мандатот на Комитетот произлегува од потпишаниот Меѓународен договор меѓу двете држави, за книгите во учебната 2019-2020 година да не содржат иредентизам и ревизионизам и додава дека Комитетот не сака да води процеси што траат долго.

-Сакаме да бидеме искрени. Затоа и на претходните средби, едната во Солун, другата во Скопје, се фокусиравме со искреност, да имаме резултат, бидејќи тоа е мандатот. Станува збор за мешан комитет на експерти. Мнозинството од нив се професори на факултети, но нашите средби не се академски форум, академска конференција не е научна конференција, туку е средба на академци, историчари, научници кои треба да го спроведат Договорот од Преспа и овој договор вели дека треба од масата да го тргнеме сето она што нѐ разделува, а она што нѐ разделуваше беше пропагандата на иредентизмот и ревизионизмот, вели Боларис, во одговор на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

Заменикот шеф на грчката дипломатија, објаснува дека од моментот кога во Преспа договорот беше за тоа конкретните работи да се отстранат од масата, „треба да излезат и од книгите, бидејќи кога се изучува ова се создава проблем во општествата и кај народите".

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, ќе успее да ја заврши задачата во предвидениот рок, Боларис, изрази оптимизам.

-Јас верувам дека штом постои добра волја, ќе успееме. Ова впрочем е и мандатот. Мандатот вели дека учебниците во септември нема да имаат иредентизам и ревизионизам. И како што сфаќате, многу е важно да одговориме на овој договор, за да не оставаме простор на никој што има лоша намера да рече лесно беше договорено, но не се направи. Се фокусираме за да го имаме најдобриот можен резултат и ќе го имаме, вели заменикот шеф на грчката дипломатија, Маркос Боларис.

На 12 и 13 април, како што беше договорено на претходната средба во Скопје, Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања ќе одржи нова средба во Атина.

Прес конференцијата во Министерството за надворешни работи на Грција беше посветена на изложбата на фрески, скулптури и дела на свештеникот Лукас од Света Гора, што од 17 април до 17 мај ќе се одржи во културниот центар во рамките на грчкиот конзулат во Истанбул.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top