Бонучи со порака до ривалите: Плашете се од Јувентус!

Одбраната на Јувентус беше маестрална на „Камп Ноу“, и покажа што значи дефанзивна уметност против најубиствениот напад на светот..

Едноставно впечатокот е дека да се играше и уште два дена, одбраната на италијанскиот првак не би примила гол. Еден од оние кои имаше директна борба со Меси, Нејмар и Суарез, секако е Леонардо Бонучи.

„Знаевме дека ќе не притиснат високо и дека свесно ќе ризикуваат. Но, ние покажавме единство, компактност во одбраната, а најзаслужни за тоа се Дани Алвес и Марио Манџукиќ, кои ги притискаа нивните бекови“, изјави Бонучи за „Скај“ веднаш по натпреварот.

Ова е првпат од мај 2013. година Барселона на свој терен да не постигне гол во меч од Лигата на шампионите.

„Верувавме во себе. Дадовме три гола во Торино, тука ја сочувавме мрежата и покажавме дека станавме голема екипа. Пред нас до крајот се уште два чекори“.

Бонучи смета дека Јуве можел уште подобро во реваншот.

„Можеби можевме поквалитетно да завршиме некои противнапади. Но, дури и така успеавме да направи неколку шанси кои не ги искористивме. Јувентус заслужува аплауз и пофалби поради тоа како им пристапува на натпреварите, без оглед дали противник е Барселона или Пескара. Сега секој противник мора да се плаши од Јувентус“.

Италијанецот по натпреварот го замени дресот со Лионел Меси.

„Драго ми е што го разменив дресот со еден од најдобрите фудбалери на светот. Тоа ќе биде одличен примерок во мојата колекција. Мојот син ќе биде многу среќен, иако веројатно би бил посреќен ако го добијам дресот од Андреа Белоти“, на шега истакна Бонучи, чиј син навива за градскиот ривал на Јуве, Торино.

Стоперот на Јувентус не е пребирлив кога станува збор за престојната ждрепка за полуфиналето од ЛШ. Потенцијални ривали се Монако, Реал и Атлетико.

„Сега не е прашање кого би сакале да избегнеме, туку што преостанатите три тима не би сакале да го добијат Јувентус за противник. Се докажавме, верувам и предизвикавме страв кај останатите и сакаме да играме во финалето во Кардиф“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top