Босанскиот лонец и македонското буре барут!

Пишува: Тодор Петров.

Не може да не изразиме загриженост за развојот на настаните во Босна и Херцеговина. Посебно, ако дестабилизацијата е рецепт за системски решенија на некои сили за свои интереси на овие простори, откако претходните не дале никакви резултати. Уште поопасно е ако таквата рецептура во бранови се пренесува на југ до Грција и во Македонија!

Видени се сценарија на портокаловите револуции во Источна Европа, Арапската пролет во Ирак, Либија, Египет и Сирија, не дај Боже Иран, Украина денес... Но тоа, не донесе решенија, туку граѓански војни со долгорочни последици и трауми во општествата, многу жртви и уништување на имотите на граѓаните и државите.

Разбирлив е револтот на граѓаните на Босна и Херцеговина за социјалното сегментирање на општеството во целина, ефектите од криминалната приватизација на довчерашната општествена сопственост, како и од кантонизацијата на земјата на етничка основа, но со насилство не може ништо да се промени! Тоа на овие простори веќе е искусено!

Иако Дејтонскиот договор ја прекина војната во Босна и Херцеговина, денес тој претставува пречка за нејзин развој во функционална држава. Дејтонскиот договор ентитетите во Босна и Херцеговина ги претвори во догма и парадржави кои генерираат трајна поделба на Федерацијата. Високиот комесар на меѓународната заедница со Босна и Херцеговина не успеа да ги надмине поделбите внатре во земјата и се покажа како истрошен модел на колонијална власт на големите сили со територии во кои самите генерирале кризи и војни, поради профитните интереси за природни ресурси и ефтина работна сила на мултинационалните корпорации.

Редефинирање на државноста на Босна и Херцеговина не може да се изврши со агресија и насилства, примитивизам и вандализам. Никој нема право да посега по животи и имоти!

Охридскиот рамковен договор, блокирањето на членството во НАТО и почетокот на пристапните разговори за пристапување на Македонија во сојуз со Европската Унија, последните пораки на Европскиот парламент за “инклузивна двојазичност“ на Македонија и притисоците за промена на државното име како “услов за добрососедство“, преку албанската заедница и СОРОС-инсталациите во Македонија, се погрешно избран модел за дестабилизација на државата заради рекомпонирање на парламентарното мнозинство и трајна промена на државното име Македонија!

Се разбира, Македонија е суверена држава, Македонците се суверена нација и тоа повеќе никој и никогаш не може да го смени! Несомнено, дека Македонија била Империја, денес е Република. Темата Македонија е многу повеќе од Републиката денес. Затоа, и покрај сите хипотеки, велиме, културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации. 

Сите сме биле делови на исти империи на овие простори и сите носиме исто културно-историско наследство. Секое читање на историјата од аспект на актуелната геополитика доведува до погрешни заклучоци. Но, никој нема право да посега по туѓи животи и имоти заради перцепции од фалсификувани истории и хегемонистички идеи за интерeсите на други за свои сфери на влијание на овие простори. Македонија е држава, а не анархија, башибозук на својата територија нема да дозволи! 

Само мир и љубов наместо омраза и војна! Само толеранција и коегзистенција наместо дискриминација и сегрегација! Само културниот глобализам што подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наместо корпоративниот глобализам кој врз основа на профитната логика на мултинационалните корпорации, врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, се' до нивна физичка ликвидација од земјината топка! Тоа е македонската цивилизација! Тоа сме сите ние заедно!

Македонија денес не пишува нова ниту краде туѓа, Македонија ги отвара забранетите страници од нејзината историја! А, големината на секоја цивилизација е во големината на нејзините вредности! Македонските вредности се преголеми, универзални и интегрални!

И покрај се’, Македонија не е Босна и Херцеговина. Како потсетување на поблиското минато... Истите креатори на југословенската и босанската криза, претходно се обидоа Дејтонскиот модел на етничка кантонизација на Босна и Херцеговина да го имплементираат и во Македонија. За среќа, друга е културата и историјата во Македонија, други се народите, историјата и културата во Босна и Херцеговина. Откако не им успеа имплементацијата на Дејтонскиот договор за етничка кантонизација и во Македонија, ТИЕ (претпоставувате КОИ, м.з.) започнаа со проектот на т.н. Демократско-Републиканска Унија на Македонија (ДРУМ) на Доста Димовска, што подразбираше кантонизација на Македонија како “Швајцарија на Балканите на Ванчо Михајлов“, со формирање на четири кантони со мнозинско население (Албанци, Срби, Бугари и Грци, и трајно затворање на македонското прашање, м.з.) со заеднички функции на државата Македонија финансирани со котизација од буџетите на кантоните. Зад овој проект застана Американската амбасада во Македонија. Доста Димовска јавно се повикуваше на поддршката на Американската амбасада, ТИЕ оттаму воопшто не се оградија и не го демантираа тоа.

Откако ни тоа не успеа, во игра го уфрлија ЉуБчо Георгиевски со МАНУ преку т.н. модел на размена на територии и население меѓу Македонија и Албанија, што мутира само во внатрешна редистрибуција на населението на етничка основа во границите на државата Македонија, но никогаш не се оствари. Токму заради таа сервилност, Американците го оставија поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ со богатството што од македонскиот народ го украде, за денес како бугарски државјанин и деклариран Бугарин, да биде дежурен провокатор за проекции со сценарија за конечно распаѓање на државата Македонија.

Откако ни тоа не успеа, се инсталира војна во 2001 година, која почна кај Танушевци до котата Кодра Фура кадешто Американците инсталираа воена база “ГРИЗЛИ“ за прислушкување на целиот Балкан. Војната започна со коминикеа за прогласување на “ослободени територии“ во Македонија, прогонства киднапирања и убивања и блокади на каптажите на вода за пиење на Македонците во т.н. кризни региони рамно на геноцид, од терористички паравоени формации обучени од НАТО и САД. Со единствена цел, војната да ја продлабочи недовербата меѓу Македонците и Албанците за полесна да биде поделбата и територијалното разграничување меѓу граѓаните на етничка основа.

Во Охридскиот рамковен договор недвосмислено се укажа дека етничките прашања немаат територијални решенија, меѓутоа СДСМ спроведе нова територијална организација на општините и неприродно со придодавање и одземање на населени места од една во друга општина, од општини со мнозинство Македонци, создаде општини со мнозинство Албанци. Територијалната организација на локалната самоуправа беше последната мека варијанта откако беа неуспешни претходните обиди за рекомпонирање на државноста на Македонија. СДСМ го минира референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа на 7 ноември 2004 година. Се’ уште како ехо одѕвонува државниот терор на социјалдемократите за неуспех на референдумот за територијалната органиазција на единиците на локалната самоуправа во 2004 година “Некои прашања не заслужуваат одговор“. Залог за таквиот епилог беше и атентатот врз претседателот Борис Трајковски. Се покажа како правило, за да се спаси партијата се жртвуваше кралицата. 1995 година, за смена на знамето и промена на името се изврши атентат врз Киро Глигоров. Спикерот Стојан Андов не дочека соопштение од конзилиумот на лекари во државната болница, дали претседателот ќе ја преживее ноќта после атентатот, веднаш му влезе во кабинетот, утредента свика Собрание и донесе Закон за смена на државното знаме и името на државата. Истото се случи и со Борис Трајковски. Иако меѓународните сили во Босна и Херцеговина се уште ги немаа пронајдено остатоците од авионот, а “ги бараа“ речиси цели 24 часа заедно со екипажот, премиерот Бранко Црвенковски рано наутро целиот препотен и возбуден објави дека претседателот Борис Трајковски загинал во авионска несреќа кај Мостар. Е така е, кога ќе добиеш улога на статист во туѓо сценарио.

Македонија ја заврши приватизацијата на општествената сопственост, дваесет години општеството транзитираше во агонија. Стотици илјадници работници останаа на улица без работа, бројни фабрики пропаднаа и се затворија, малкумина како црвена буржоазија се офајдија, со криминалната приватизација целото општество се криминализира, ама турбуленции од масовни немири и деструкции во државата не се случија. Никој не се осуди да уништи или запали државен имот или да посегне по нечиј живот! 

Сведоци сме дека меѓународните мешетари и платеници, преку домашните неоврховисти и колаборационисти вршат притисок врз власта за промена на државното име Македонија. Се обидуваат да изнудат рекомпонирање на парламентарното мнозинство, напуштање на ДУИ од владината коалиција, заради ратификација на меѓународен договор во Собранието за промена на државното име Македонија.

Македонците мора да бидат свесни за исклучителноста на моментот и важноста на годината во која живееме. Точно е дека европската бирократија и администрацијата на САД и НАТО ја обвинуваат Владата на ВМРО-ДПМНЕ, дека не прифаќа промена на државното име како алиби затоа што не прифаќа членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Сведоци сме дека сите иницијативи за економски проекти со Руската Федерација за прашања за кои и ЕУ и НАТО разговараат и се договараат со Москва, се дочекани на нож и осудени од Брисел и Стразбур. 

Владата мора да стави крај на разговорите за промена на државното име и да го продолжи членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации уште денес, ако не сакаме продлабочување на кризата и во земјата и од надвор кон земјата утре, со епилог промена на државното име Македонија. Не смееме да се доведеме во ситуација промената на државното име “самите“ да ја извршиме, за ЕУ и НАТО да соопштат дека тоа тие не го сториле, туку Собранието на Македонија! Така беше и со државното знаме со шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа во 1995 година. “Не го сменивме ние, туку самите вие“ - беше образложението на “големите“ кои ни ја скроија иднината тогаш.

Точно е, исто така, дека Охридскиот рамковен договор, не е најдоброто решение за државноста на Македонија, ама “изнуди“ прекин на огнот и “разоружување“ на ОНА со асистенција на НАТО. Македонија се’ уште има капацитет на функционална држава и одржлива демократија, ако престане да ја рекомпонира јавната и државната администрација на етничка основа преку “институтот соодветна и правична застапеност“ од 25% до дури 50% во локалните и државните органи и институции на штета на Македонците, иако е јавна тајна, дека бројот на припадниците на албанската заедница не е повеќе од 13% во вкупното население, а Македонците не се помалку од 75%!

Не смееме да дозволиме дестабилизација или контролирана нестабилност на земјата со цел промена на државното име Македонија! Не смееме да бидеме вовлечени во провокации, а ќе ги има, кои колку и да се болни, треба да покажат дека не постои организирана власт на оваа територија, дека граѓаните сами преземаат власт и правда преку линч и толпа. Да бидеме единствени и обединети, затоа што силата е во единството! Да ја одбраниме Македонија, да го спасиме мирот и безбедноста во земјата и регионот! И да се пресметаме со сите кои прифатиле или прифаќаат улога на извршители за туѓи и други интереси за растурање на Македонија - домашните неоврховисти и колаборационисти!

Македонија пред се’! Македонија над се’! Македонија вечна!


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top