Брегзит не ги загрозува односите Скопје - Лондон

Заминувањето на Велика Британија од Европската Унија не ги поткопува добрите односи меѓу Скопје и Лондон..

Британската амбасадорка вели дека Велика Британија ќе продолжи да биде стратешки партнер на Македонија и дека ќе продолжи да ја поддржува евроатлантската перспектива на земјава, како што досега ја поддржуваше и покрај тоа што повеќе нема да е членка на Унијата.

„Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме евроатлантската интеграција и ќе бидеме вклучени во градењето стабилно, просперитетно и инклузивно општество. Важно е да се каже дека ќе ја напуштиме ЕУ, но остануваме постојана членка на Советот за безбедност на ООН, остануваме во НАТО, Г7, Г20, ОБСЕ, Комонвелтот, во Петте држави, така да Северна Македонија ќе продолжи да има силен партнер во сите овие организации“-изјави Рејчел Галовеј, амбасадорка на Велика Британија во Скопје.

Министерството за надворешни работи соопшти дека до крајот на годинава, додека ќе трае периодот на транзиција за Велика Британија, нема да има промена во односите меѓу Скопје и Лондон, додека од следната година односите меѓу двете земји ќе бидат регулирани со нов договор, кој е во подготовка.

„Ве информираме дека Велика Британија и Северна Македонија во изминатиот период работеле на усогласување на билатералниот договор што ќе стапи на сила по транзициониот период. Договорот е во последна фаза на усогласување и она што можеме да го кажеме во моментот е дека со овој договор успеавме да обезбедиме рамка за продолжување на трговските односи на исто ниво како онаа до денес“-изјавиа од МНР.

Политологот Ќани Нухиу вели дека на мала земја како Македонија, и треба голем партнер како Велика Британија, една дипломатска суперсила и глобален фактор во различни меѓународни организации. Според Нухиу, добро е што Брегзит не ја намали желбата на државите од Западен Балкан да се интегрираат, но сепак очекува редефинирање на односите: приближување меѓу Лондон и Вашингтон и Париз и Москва, со што товарот на ЕУ ќе и остане на Германија.

„Судбината на малите нации во политиката е да најдат големи сојузници, сигурни, искрени и да се совпаѓаат во концептите. Со задоволство забележувам дека излегувањето на Велика Британија не ја загрози идејата за Европската Унија, не се двоумиме. Се чини дека Европската Унија се опорави релативно брзо, признавајќи го како завршен факт и да продолжи со тие околностите што остануваат. Но, со задоволство може да се заклучи дека државите аспирантни од Западен Балкан не го изгубија ентузијазмот за членство“-рече Ќани Нухиу, Политолог.

Од 2017 година, Велика Британија даде над шест милиони фунти за програми во Македонија, финансирајќи бројни проекти во економијата, младите, доброто владеење, безбедност и НАТО.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top