Британецот починал од алкохолно труење?!

Утрово и здравствените власти на Велика Британија информираа дека е малку веројатно смртта на нивниот државјанин во Македонија да е предизвикана од ебола, и покрај сличните симптоми..

Мала е веројатноста дека причина за смртта на починатиот Британец на Клиниката за инфективни болести во Скопје била болеста ебола. Најверојатно се работи за компликации настанати по алкохолно труење, велат за МКД.МК извори од клиниката, кои сепак додаваат дека треба да се почека на официјалните резултати од испитувањата во Германија.

Според изворите на МКД.мк, британскиот државјанин во Скопје бил на службен пат, а работел за една од компаниите во слободната трговска зона Бунарџик. Починатиот Британец последен пат бил на африканскиот континент пред три години, во посета на својата сестра во Танзанија. Лекарите се сомневаат дека станува збор за компликации во организмот предизвикани од консумирање преголемо количество алкохол.

Утрово и здравствените власти на Велика Британија информираа дека е малку веројатно смртта на нивниот државјанин во Македонија да е предизвикана од ебола, и покрај сличните симптоми.

„Сметаме дека е мала веројатноста еболата да е причина за смртта на нашиот државјанин, Сепак, ќе продолжиме да работиме со нашите партнери во истрагата“, изјави доктор Брајан Меклоски од Заводот за јавно здравје на Англија, пренесува британски Индипендент.

Вчера во 16.30 часот на Клиниката за инфективни болести во Скопје почина педесет и осумгодишен државјанин на Британија. Тој во Македонија престојувал од 2 октомври, а во последните три дена имал постојани стомачни болки и не побарал лекарска помош. Вчера попладнето му се влошила состојбата и итно бил пренесен на клиниката, каде што по само 90 минути починал. Одговорните лица на клиниката според дел од симптомите се посомневале дека можеби станува збор за ебола, па веднаш биле преземени сите безбедносни процедури, а хотелот Супер 8, каде што престојувал Британецот, и натаму е во карантин.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top