Брнабиќ објасни што е за неа „компромис“ за Косово

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави во Берлин дека решението за прашањето на Косово е во компромисот, пренесуваат српските медиуми..

Таа истакна дека за неа компромисот е некоја точка меѓу тоа дека Косово е Србија и тоа дека Косово е независно и дека Србија само ќе го признае.

„Компромисот е меѓу тие две страни. Но, ако некој инсистира дека Косово е независно и дека Србија само ќе го признае, тоа нема да се случи, туку Белград ќе продолжи да инсистира на тоа дека Косово е Србија“, кажа Брнабиќ на форкумот „Србија во ЕУ“ во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.

Таа истакна дека „Пандорината кутија“ била отворена пред 10 години, кога Косово прогласи независност „надвор од сите демократски принципи“.

„Ние се обидуваме да ја затвориме и тоа ќе биде тешко. Не знам дали ќе биде возможно, јас би сакала да најдеме компромис и сите задно да се придвижиме во иднината“, кажа таа.

Српската премиерка кажа дека Косово не е ист случај како Хрватска, БиХ, Словенија или Македонија, бидејќи тоа беа признати републики во рамки на СФРЈ, додека Косово и Метохија секогаш бил интегрален дел на Србија.

Таа истакна и дека Косово е тешко и, пред сѐ, емотивно прашање.

Брнабиќ укажа и дека замрзнат конфликт никако не е добро решение, и тоа секогаш ќе влече наназад.

Српската премиерка кажа дека понекогаш се чувствува како затворена во „шизофрена“ политика кога на еден состанок зборува колку Србија може да напредува благодарение на четвртата индустриска револуција, а потоа оди на состанок на кој се зборува за инциденти и напади врз Србите на Косово.

„Тоа е политика на 19 век и сѐ додека не го решиме тоа прашање, ќе бидеме заглавени меѓу политиката на 19 и политиката на 21 век. Затоа сметам дека решението е во компромис“, заклучи Брнабиќ.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top