Брзањето на САД со косовскиот проблем постави нови услови за спротиставените страни

САД зацртаа нов рок за решавање на косовскиот проблем, а администрацијата на Доналд Трамп се обидува да дојде до солуција до јуни в година, па така се актуелзираат најразлични предлози што треба да стават крај на спорот меѓу Србија и Косово..

Америка, наводно, ќе ја убедува српската опозиција да учествува на претстојните избори, ќе се обиде да ја доближи и до актуелната власт низ дијалог, а има зачестени контакти и со Белград и со Приштина. Според неофицијални информации, Србија добила уверување за повлекување на косовските такси, што би требало да биде олеснето по заминувањето на Рамуш Харадинај од премиерската функција на Косово.

Американската дипломатија работи во полн капацитет на повеќе фронтови за спогодбата помеѓу Белград и Приштина да биде потпишана до летото 2020 година – велат упатените во состојбата.

Вашингтон и Европа сакаат да им помогнат на двете страни да изнајдат решение што ќе донесе стабилност, според Едвард Џозеф, професор на универзитетот „Џонс Хопкинс“.

– Треба да биде постигнат суверенитет за српските религиски центри, што би бил силен сигнал за Србите да останат и да ја изградат својата иднина. Исто така треба да се постигнат и други гаранции за заштита на нивните интереси. Затоа треба да работиме за афирмација на присуството на Србите и на зачувување на нивните врски со Косово – објаснува Џозеф.

Тој смета дека српскиот претседател Александар Вучиќ има можност да повлече стратешки потег во дијалогот, но за да го стори тоа ќе треба да ја покаже јасната приврзаност кон Западот на неговата држава.

– Вашингтон и Европа сакаат да им помогнат на Белград и на Приштина да изнајдат решение што ќе доведе до стабилност. Но, ако Вучиќ продолжи да игра на карта и на Западот и на Русија, Србија ќе продолжи да страда од таквата залудна двосмислена политика – посочува професорот во интервју за Радио Слободна Европа.

Размената на територии е опасно сценарио според Џозеф.

– Тоа ќе ја закомпликува ситуацијата. Тоа безмалку сигурно ќе стави крај на присуството на Србите на југот на Косово и ќе го загрози статусот на Дечани, Грачаница и на другите српски знаменитости. Тоа ќе отвори и други регионални прашања како Санџак и Република Српска – вели Џозеф.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top