Бугарската страна во Комисијата за историја бара вонреден состанок до крајот на август

Вонредна средба на Комисијата за историски прашања ќе бара бугарската страна откако премиерот на Бугарија, Бојко Борисов пред два дена побара таа да работи секојдневно и до октомври да ја заврши својата работа..

Ангел Димитров, кој ја предводи бугарската страна во Комисијата, за Бугарското национално радио, изјави дека ќе ги покани македонските колеги до крајот на август на состанок, пред редовно закажаниот во септември.

Според него македонската страна била таа која не била подготвена за секојдневно работење.

„Не е возможно да се работи деноноќно! Ова може да се случи само ако нашите колеги се подготвени за тоа, но тие не се и тоа е докажано многу пати. Денес дури и ќе ги поканам нашите колеги – вонредно, на место што ќе го изберат, ако сакаат и во некое одморалиште во Бугарија, да закажеме состанок на крајот од август за да ја олесниме нашата работа за состанок во септември. Повеќе пати сме предлагале нашите состаноци да бидат почести, со поинтензивен работен ритам, но нашите колеги сметаат дека шест средби во текот на една година досега се доволни“, изјави Ангел Димитров, претседател на бугарската страна во Комисијата за историски прашања.

На таа средба како што вели Димитров, треба да се решат две важни прашања – бугарските учебници за средновековието и османлискиот период, но и прашањето за чествувањето на Гоце Делчев.

„Работите за Гоце Делчев за бугарската историска наука се јасни. Историчарите нема да кажат што е Гоце Делчев. Тие можат само да го потврдат или негираат тоа што тој го кажал за себе, за своето семејство, за околината во која израснал, за кои интереси работел и за кои го дал животот. Разликите по тоа се фундаментални. Ние сакаме да го гледаме Гоце Делчев како личност во неговото историско време, а не од гледна точка кои ги напуштаат чисто историските гледања и кореспондираат со подоцна создадени слики со чисто политичка конотација. За нас тоа не е продуктивен пристап, модерен, современ. Тука се разидуваме со колегите“, вели Ангел Димитров, претседател на бугарската страна во Комисијата за историски прашања.

Барањето на Борисов прашањето да биде затворено до октомври тој не го смета за политички притисок врз Комисијата и го толкува само како притисок да се работи поинтензивно.

Според него, никогаш немало притисок врз работата на бугарската страна од Комисијата.  

Македонскиот дел смета дека барањето до октомври да се затвори прашањето во Комисијата може негативно да влијае врз нејзината работа.

За претседателот на македонскиот тим, Драги Ѓорѓиев, навлегувањето во идентитетското прашање за Гоце Делчев може Комисијата да ја доведе во ќор-сокак.

Според него не може да се стави рок веднаш и сега да се реши заедничкото чествување на Гоце Делчев, особено ако притоа се инсистира на тоа дали тој бил Македонец и Бугарин, а не на тоа зошто е тој значаен за двата народа и ги поврзува. За да се постигне решение околу Делчев, според него, не треба да се инсистира на неговиот идентитет.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top