Булдожери за три години треба да ги „исчистат“ охридските плажи

Во целото охридско крајбрежје се забрануваат нови плажи, тампонирање, потпорни ѕидови и нови марини..

Ако некоја дивоградба е штетна за природното и културното наследство, ќе биде срамнета со земја најдоцна за три години, а можеби и порано.

Најдоцна до 2023 година, сите бесправно изградени објекти за кои ќе се утврди дека се штетни за природното и културното наследство во Охрид ќе бидат урнати, дознава „Слободен печат“ од високи извори во Министерството за животна средина и просторно планирање. Ваквиот краен рок е потенциран и во Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, што го донесе Владата.

Задутре, тројца претставници на советодавното тело на УНЕСКО доаѓаат во Македонија за да проверат како државата ги исполнува нивните препораки. Македонија ќе ги пречека со акциски план од 300 страници за тоа како во наредните девет години ќе се справува со проблемите со дивоградбите, автопатот А2, железницата и крајбрежната трансформација. Уште се формира агендата за тоа каде владата ќе ги прошета претставниците на УНЕСКО, но извесно е дека ќе го посетат колекторот во Охрид.

Владата со платформа против платформите

Пред да заиграат булдожерите, мора да се консолидира инвентарот на дивоградбите во Охрид, Струга и Дебрца и да се направи студија за тоа дали сите се закана за животната средина и за културното наследство или пак некои може да се легализираат и вклопат. Има илјадници објекти во Охрид што се нелегално изградени, но само со стручна студија што допрва ќе се нарачува ќе се види, дали некои од нив ќе се задржат и под кои услови.

Постојат и објекти што се во постапка за легализација и за нив допрва ќе се утврдува дали негативно влијаат врз пределот и неговата културна и биолошка разновидност. Покрај Охрид и Дебрца, и Струга деновиве доставила список на дивоградби од својот реон, со што студијата е извесно дека ќе се изработи.

– Може да се продолжи со отстранување на објектите за кои има правосилно решение за отстранување додека за другите што се во постапка, не можеме да отстраниме ниедна градба во подрачјето без оваа анализа – вели за „Слободен печат“ државниот секретар во Министерството за животна средина, Ана Петровска.

Охрид СОС: Мораториумите – само на хартија

Невладината организација „Охрид СОС“ не е задоволна од досега сработеното од страна на градските и државните власти.

„Наместо Охридскиот регион да има комплетен регистар на дивоградби од сите три општини со соодветна програма и конкретни бројки од урнати градби, има бизарни списоци со по 2-3 парапетчиња, планирани за рушење кои допрва ќе бидат предмет на договарање и преговарање со нивните сопственици, бидејќи во моментов нема закон со кој ќе се третираат бесправно изградените објекти во Охридскиот регион“ – велат оттаму.

„Слободен печат“ двапати испрати прашања до службата за односи со јавност на Град Охрид за појаснувања околу овие обвинувања, но оттаму не одговорија.

„Охрид СОС“ додава дека иако Охрид и Струга имаат мораториуми да не се градат нови објекти во заштитеното подрачје, сепак, тие се само решение на хартија, а не суштински на проблемот со дивоградбите што го нагрдуваат „балканскиот Ерусалим“.

„Со мораториумите единствено се забранува одобрување на барања за решенија за градби поднесени во периодот кога мораториумот е во сила, сè на сè, неполни шест месеци. Сите барања за дозвола за градба и сите решенија за градба кои биле донесени пред мораториумите, се полноважни и сопствениците на тие имоти, макар биле и среде езеро, може непречено да си градат,“ додаваат од здружението.

Тие потенцираат дека не е запрена сета урбана и крајбрежна трансформација и не е разработено каков е ефектот од постојаните и потенцијални градби врз регионот.

„Институциите да ја посветуваа истата енергија на коренити промени, немаше денес пред втората посета на Реактивната мисија на УНЕСКО во период од три години, да се наоѓаме во оваа очајна ситуација. Докрај исполнети се само препораките за кои не беше потребна никаква работа, тие со кои се бараше оваа влада да се откаже од мегаломанските и разорни проекти на владата пред неа. Но, кога дојде време да се работи, владејачкото мнозинство комплетно потфрли. Разочарувачка е состојбата во институциите, дури и во ретките неколку каде има уште стручен кадар што си ја знае работата, неговото знаење и способност се потиснати од партиски марионети во спрега со бизнис-секторот. Низ годините границата меѓу едните и другите комплетно се изгуби,“ велат од Охрид СОС.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top