ЧАРЕ ЗА ВТОРИОТ КРУГ

Фејсбук статус на Игор Александров.

Навивачите на ДПМ(С)НЕ велат дека бојкотирачите не нуделе решение за тоа како да се сруши хунтата, па еве барем во мое име да повторам едно предлог-решение што е објавено на 19ти Февруари 2019 (и повеќа пати од тогаш во разни форми), а не е предоцна да се примени за вториот круг на Претседателските избори:

“ВМРО-ДПМНЕ и Проф.д-р Гордана Силјановска Давкова можат многу лесно да ги обединат силите на отпорот против Северната окупаторска дивотворба. Нека кажат јасно дека не ја признаваат ‘Северна Македонија’ и ќе се раководат исклучиво според Уставот на Република Македонија, според кој актуелните пратеници и актуелниот Претседател на државата го добија својот мандат. Дека не ги признаваат уставните амандмани и закони кои се донесени спротивно на темелите и неменливите одредби на македонскиот Устав и спротивно на законодавните процедури усвоени во согласност со тој Устав.

Тоа, меѓу другото, значи непризнавање на ‘државата’ ОСНОВАНА со новиот устав, кој претставува нелегално рушење на Уставот на Република Македонија, како и непризнавање на ‘Законот’ за двојазичност, кој исто така се коси со Уставот. Ако тоа го направат, ќе се неутрализира стравот дека на овие избори Сиљановска ќе служи за легитимизирање на Северната окупаторска дивотворба.

Ако Сиљановска ги изгуби изборите во такви услови, тоа нема да значи дека народот се определил за Северната, бидејќи знаејќи како владее оваа квислиншко-балистичка банда, несомнено ќе ги делегитимизира изборите со злоупотреби на државни пари за кампањи, со злоупотреба на моќта врз медиумите, со уцени, закани и врбувања во однос на вработувања, како во државниот, така и во приватниот сектор, со заплашувања, со измамнички кампањи, со полнење кутии во име на други гласачи ... Дури и на фер избори да изгуби, тоа нема да значи легитимитет за Северната, бидејќи е создадена од пратеници без соодветна уставна јурисдикција или демократско овластување за таква одлука и во конфликт со меѓународните закони за заштита на правата на малцинствата, односно на поединецот како најосновно малцинство. Но ако Сиљановска настапува со признавање на ‘Северна Македонија’, што веќе индиректно се случи со честитањето на протоколот за влез на Северната во НАТО, дивотворбата ќе добие привиден демократски легитимитет независно од тоа кој ќе победи или изгуби на изборите.”

За горниот пристап добив поддршка од скоро сите застапници на бојкот што ги познавам. Колаборационистите го изигнорираа и продолжија уште подиректно да тврдат дека криминално усвоениот устав на Северната дивотворба е правно задолжителен, наспроти она што го зборуваа помеѓу референдумот и мафијашкиот парламентарен процес на ОСНОВАЊЕ на ‘Република Северна Македонија’, со кој Сиљановска тогаш велеше дека пратениците направиле низа кривични дела. Избраа да си се погазат себеси, но и да ја погазат Република Македонија и нејзините суверени граѓани, додворувајќи се на странски емисари.

Пристапот кој го предложив уште кога во Февруари стана очевидна капитулацијата на ДПМНЕ и Сиљановска, а со кој можеше да се спречи катастрофалната поделба што ја видовме од првиот круг на изборите, не е само мој личен став. Тоа е доследност на се што сме разговарале со Hristijan Mickoski и активисти на ДПМНЕ додека соработувавме за референдумот и додека јавно ги поддржував во чистката на расипничката банда на Сашко Мијалков, вклучувајќи ги петтоколонашките пратеници што беа исклучени од партијата по гласањето за нелегитимниот устав, а за кои Мицкоски неодамна изјави дека ‘би бил незрел политичар’ ако ја исклучи можноста за нивно враќање (знаеме со какви пресуди вистинските вмровци би ја исклучиле таа можност). Наместо тоа, Мицкоски и оние кои не разликуваат помеѓу партија во служба на кауза и кауза во служба на партија, избраа капитулација и нечесен спин дека бојкотитачите не нудат РЕШЕНИЕ или АЛТЕРНАТИВА, како што спинувааа СДС и исклучените пратеници за референдумот.

РЕШЕНИЕ на присилното наметнување на нелегитимната ‘Република Северна Македонија’ и нејзиниот нелегитимен устав е нивно НЕПРИЗНАВАЊЕ.

АЛТЕРНАТИВАТА е почитување и одбрана на суверена РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА и нејзиниот невалидно укинат Устав.

Народот тоа ви го потврди на свој начин и на ланскиот референдум и во првиот круг на изборите за Северен Претседател.

Вашата партија и кандидатка имаат уште една прилика, пред вториот круг, да се определат дали:

1. ќе ја бранат Република Македонија, со нејзиниот единствен валиден Устав, од криминалните рушители, силувачи и пљакаши и ќе ја почитуваат волјата на нејзините суверени граѓани; 
или 
2. ќе се обидуваат и понатаму полесно да се пригребат до узурпирани државни фотељи и пари, служејќи на странски неомперијалисти и наддавајќи се со СДС за гласовите на етносепаратистите, за да добијат ‘техничка победа’ со мнозинство гласови од малцинството гласачи (под 50%) што ќе изглезат на гласање.

Ако го изберат второто, не само што не треба да очекуваат бојкотирачите од првиот круг да се предомислат за вториот, туку нека размислат дали при парламентарните избори ќе треба да прават подиректна коалиција со СДС/ДУИ за да останат и понатаму во системот на паразитско силување, пљачкање и распродавање на државата, во кој соучествуваат најмалку 22 години (оние што ставија партиски дресови на ВМРО-ДПМНЕ откако Љубчо се здружи со Ѓаволот во 1995та или после тоа, соучествуваат уште подолго). Ако го изберат вториот пат, нека размислат добро дали до тогаш низ измамништвото ќе прогледаат уште повеќе заблудени Македонци кои сега гласаат за нив од дезориентиран патриотизам. И дали сите ќе ги собере Будимпешта. Затоа што вака, дури и неправедно некој да ги суди, нема да остане кој да ги брани.

Милостив и толерантен е македонскиот народ. Затоа досега им даде премногу предупредувања.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top