Челниците на Г20 ја поддржаа реформата на СТО во заедничката изјава

Челниците на земјите членки на групата Г20 ја усвоија во саботата на крајот од самитот во аргентинската престолнина Буенос Аирес заедничката изјава во којашто не се споменуваат трговските напнатости во светот.

Првите луѓе на најголемите светски економии, кои сочинуваат 85 отсто од глобалниот бруто домашен производ (БДП), се „свесни за сегашните проблеми во трговијата“, но се воздржуваат од секаква осуда на протекционизмот во споменатиот документ за кој се преговараше до последната секунда и кој го објави Аргентина, како земја домаќин на состанокот на врвот.

„Постигнавме согласност во изјавата, којашто ја одразува неопходноста од заживувањето на трговијата, ревитализација на СТО… Ја потврдивме загриженоста од климатските промени“, рече аргентинскиот лидер признавајќи дека пред лидерите стојат „многу сериозни предизвици“.

„САД, најотворената економија на светот, не се согласуваат да бидат затворени во рамки“, изјави домаќинот на самитот, аргентинскиот претседател Маурисио Макри, одговарајќи на прес-конференцијата на прашањето зошто во завршниот текст е изоставен зборот „протекционизам“.

Германската новинска агенција DPA, повикувајќи се на сопствени извори, пренесува дека постојните разлики по важните теми, како што се трговијата, климатската заштитеа и миграциите, „мораа да бидат сокриени (во текстот на заедничката изјава – з.р.) со компромисни формулации“.

Во заедничката изјава, исто така, се истакнува и дека мултилатералниот трговски систем „не ги постигнува своите цели“ и оти челниците „ја поддржуваат неопходната реформа на Светската трговска организација“ во прилики кога САД сѐ повеќе се судираат со трговските партнери.

Кога станува збор за климата, САД се издвојуваат како и минатата година на самитот во Хамбург. Членките на Г20, „потписничките на Партискиот (климатски – з.р.) договор“, истакнуваат во изјавата дека тој е „неповратен“ и „се обврзуваат во целост да го спроведат“, земајќи ги сепак в предвид „капацитетите на поедини земји и различните ситуации во нив“. Некои земји со економии кои брзо се развиваат, оценуваат дека им е потребна поголема помош во енергетската транзиција, отколку на поразвиените земји.

САД во посебен пасус потсетуваат на својата одлука за повлекување од Парискиот договор. Се вели дека ќе се заземаат за „економски раст, како и за пристап на енергијата и безбедноста, користејќи се со расположливите технологии и енергетски извори, штитејќи ја притоа природната средина“.

Лидерите на земјите од Г20, исто така, ја потврдуваат подготвеноста за јакнење на мерките за градење доверба и работа за интензивирање на економскиот раст, со цел да се надминат преостанатите проблеми.

„Го поздравуваме силниот глобален раст и истовремено признаваме дека тој е на помало ниво синхронизиран меѓу земјите, а некои клучни ризици, вклучително и финансиските слабости и геополитичките проблеми, делумно се материјализираат“, се вели во документот.

Лидерите ја истакнуваат и актуелноста на редицата трговски прашања. „Ние одново ја потврдуваме нашата подготвеност да се искористат сите инструменти за достигнување силен, одржлив, урамнотежен и инклузивен раст и намалување на придружните ризици, зајакнување на дијалогот и меки за градење на довербата“, се вели натаму во декларацијата.

Челниците на „дваесетката“, исто така, повикуваат да се продолжи поддршката на економската активност и стабилноста на цените преку соодветните монетарни политики. Покрај тоа, тие ја истакнуваат важноста од флексибилната фискална политика, којашто би го поткрепила растот.

„Доследното спроведување на структурните реформи ќе го зајакне потенцијалот за раст“, убедени се светските челници.

Во завршната заедничка изјава се посетува дел и на справувањето со причините за масовните миграции. И притоа се лидерите ја истакнуваат важноста од „заеднички дејствија за елиминирање на причините поради коишто луѓето се принудени да ги напуштаат своите земји“.

„Масовните движења на бегалците се предмет на глобална загриженост и има хуманитарни, политички, социјални и економски последици. Ја нагласуваме потребата од заедничко дејствување за решавање на основните причини за раселувањето и за одговор на хуманитарните потреби“, се наведува во документот.

Во него, исто така, се истакнува дека лидерите го земале предвид извештајот за миграциите и бегалците, изготвен од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

„Ќе разгледаме како да се продолжи дијалогот по ова прашање под наредното претседателство“, се вели во изјавата. Претходно шефот на аргентинската делегација на Г20, Педро Вилјагра Делгадо, истакна дека миграциите ќе бидат „едно од најсложените прашања“ на самитот во Буенос Аирес.

Борбата против тероризмот, како глобален проблем, исто така, има свое место во заедничката изјава. Притоа лидерите повикуваат на борба против употребата на интернетот за терористички цели.

„Ја потврдуваме нашата силна осуда на тероризмот во сите негови форми и манифестации… Посветени сме на целосната имплементација на Изјавата за борбата против тероризмот на лидерите на земјите од Г20 во Хамбург“, на самитот во јуни 2017 година, се истакнува во изјавата.

„Насочени сме да ги интензивираме нашите напори за борба против финансирањето на тероризмот и перењето пари. Ја повикуваме дигиталната индустрија да работи обединето за да се спротистави на употребата ба интернетот и социјалните мрежи во терористички цели“, порачуваат лидерите.

Земјите од Г20, исто така, ја објавија и својата намера со заеднички напори да го подобрат светскиот поредок кој се заснова на општоприфатени правила и прописи.

„Ја повторуваме својата приврзаност на заедничката работи со цел да го подобриме меѓународниот поредок кој се заснова на правила, кој може ефикасно да одговори на светот кој брзо се менува“, се вели уште во декларацијата од Буенос Аирес.

Челниците ги одобриле и акциониот план за борбата против корупцијата во следните три години и се обврзуваат на соработка во практиката во оваа област, вклучително и екстрадиција лица и враќање на активите кои потекнуваат од вакви дејствија на земјите.

„Остануваме доследни на спречувањето и борбата со корупцијата…“, изјавуваат лидерите на Г20. Притоа уверуваат дека имаат намера да преземат чекори во оваа сфера коишто ќе послужат како пример за другите земји.

„Го усогласивме новиот акционен план за периодот 2019/2021 година и ги поддржавме принципите за спречување на корупцијата… во државните компании, како и спречување на … судирот на интереси во јавниот сектор (на економијата)“, се вели во текстот и се изразува уверување дека овие чекори ќе придонесат за зголемување на транспарентноста во јавниот и во приватниот економски сектор.

„Ќе продолжиме со практичната соработка во борбата со корупцијата, вклучително и исполнувањето на нашите обврски во рамките на Г20. Подетално ќе ги разгледаме поврзаноста на корупциајта со другите дела од економскиот криминал и начините за справувањето со нив, меѓу другото и преку соработка за враќање на лицата барани за вакви прекршоци, како и на украдените средства, во согласност со меѓународните обврски прописи на националните правосудни системи“, истакнуваат во изјавата шефовите на држави и влади од земјите на Г20.

Ги повикуваат „релевантните меѓународни организации“ да претстават извештаи за овие прашања во рамките на претседателствувањето на Јапонија со Г20 во следната 2019 година. Покрај тоа, во документот се наведува и дека учесниците на самитот во Буенос Аирес се залагаат „сите земји од Г20“ ефикасно да ја спроведат Конвенцијата на ОН против корупцијата, усвоена во 2003 годија, вклучително и во рамките на националните законодавства да му дадат карактер на кривично дела на „поткупот на странски службени лица“.

Во 21 точка од заедничката изјава покрај изјавите за чистата енергија и развој на инфрастуктурата, се наведени и проблемите со образованието и борбата со нееднаквоста и поддршка на бизнисот и претпримништовото.

Групата Г20 е меѓународен форум за дијалог, основан во 1999 година кој обединува 19 држави, Аргентина, Австралија, Бразил, Велика Британија, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, САД, Јужноафриканската Република, Јужна Кореја, Турција, како и Европската унија. Следниот претседавач со Г20 е Јапонија, а најверојатно средбата на врвот ќе се одржи на 28 и 29-ти јуни 2019 година во Осака.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top