Четири нови имиња во тимот на Заев

Шестмина се разрешуваат, а четворица нови министри влегуваат во владиниот кабинет, кој во иднина ќе функционира со еден министер без ресор помалку..

Премиерот Зоран Заев ги соопшти вчера своите одлуки за промени во владиниот тим од Валандово, каде што присуствуваше на почетокот на изградбата на  проектот за наводнување на јужната долина на Вардар.

Потоа и во парламентот стигна списокот со имиња на министри кои заминуваат или доаѓаат на „Илинденска“, при што најзначајната новина е најавеното разрешување на министерот за финансии Драган Тевдовски. Заев реши да го смени Тевдовски, а на негово место да се предложи себеси и за министер за финансии, при што приложи и подолга автобиографија до парламентот.

Овој потег на Заев донекаде беше и очекуван ако се има предвид дека уште од крајот на минатата година тој ја проектираше 2019 како година на економски бум, посочувајќи дека лично, како магистер и дипломиран економист, ќе ѝ се посвети на оваа сфера, по затворањето на најделикатните прашања од доменот на билатералните односи и надворешната политика во земјава.

„Ако треба железни опинци ќе облечам, ама просечна плата од 500 евра мора да има. Ќе се фатиме за работа, ќе засукаме ракави и како што вели канцеларката Ангела Меркел, ќе почнеме со ‘арбајтен’. Оваа година ќе има уште едно зголемување на минималната плата, а очекувам и побрз развој со членството на Македонија во НАТО“, изјави Заев на една од предизборните трибини во рамки на кампањата „Силна економија шанса за сите“.

Сепак, ваквите навестувања премиерот почнува да ги исполнува  во средината на оваа година, откако донесе одлука Тевдовски, всушност, да биде еден од ретките сменети министри во овој бран, покрај Сухејл Фазлиу од НДП од Министерството за локална самоуправа. Во овој ресор е направена единствената „трампа“ меѓу партнерите од коалицијата на власт. Нов министер за локална самоуправа ќе биде лидерот на ЛДП, Горан Милевски (39), кој е моментно пратеник, а инаку е дипломиран економист и магистер по економија на факултетот во Прилеп. Ова е прв случај досега претседател на помала партија од владејачката коалиција да преземе извршна функција и да замине од парламентот. За сметка на тоа, од владиниот тим заминува либералдемократот Зоран Шапуриќ. Според најавите, Шапуриќ треба да ослободи место за НДП, но Заев вчера не спомна име на нов министер без ресор.

Уште пред два месеца оставка поднесе министерот за култура Асаф Адеми од редовите на Алтернатива, на чие место сега доаѓа неговиот сопартиец Хусни Исмаили (56). Најавата за новиот министер за култура предизвика реакции во јавноста, поради тоа што Исмаили е лекар интернист и магистер по ревматологија, а сега доцент на Медицинскиот факултет во Тетово. Неговиот претходник Адеми беше дипломиран градежен инженер.

Пред извесно време оставка најави и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кога беше избран за нов генерален секретар на СДСМ. На негово место доаѓа Трајан Димковски (52), дипломиран земјоделски инженер, за кој вчера се дозна дека е вработен во ова министерство и досега бил дел од тимот на Николовски.

Ќе биде разрешен и вицепремиерот за Рамковен договор – Хазби Лика од ДУИ. За него имаше информации дека со месеци наназад воопшто не доаѓа на работа, ниту, пак, присуствува на владините седници. Сепак, формално, разрешувањето на Лика е поради укинувањето на Секретаријатот за Рамковен договор и формирањето на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Во овој нов ресор ќе ротира Садула Дураки од ДУИ, еден од министрите кој веројатно најмалку се појавуваше во јавноста во изминатите две години, а кој беше силно критикуван поради непреземање мерки против загадувањето на воздухот.

На негово место во „екологија“ е Насер Нуредини (40), кој иако релативно непознат во земјава, од претходно е најавен како „нова ѕвезда“ во владиниот тим,  поради стручните квалификации и  работно искуство што ги имал во странство, а инаку е син на наш познат бизнисмен во Австрија. Во неговата биографија е наведено дека „течно зборува“ албански, англиски, италијански и германски јазик, а дека „зборува“ и македонски и српско-хрватски.

Собраниската седница за реконструкцијата ќе почне в среда и нема ограничување до кога може да трае, со оглед на тоа што не станува збор за промена на повеќе од една третина од министрите, односно нема потреба од повторување на постапката за избор на влада. Затоа ќе се оди на поединечно разрешување и избор на предложените имиња, за што треба да се обезбедат најмалку по 61 глас. Владината седница во вторник, пак веројатно, ќе биде последна во овој состав. Заев информираше дека во текот на неделава ќе бидат соопштени и другите кадровски решенија во институциите на извршната власт за да заврши процесот до крајот на овој месец.

Тевдовски најголема жртва на метлата

Одлуката на премиерот Зоран Заев да го преземе времено и министерското место за финансии, всушност, е поголемо изненадување од самото разрешување на досегашниот прв човек во овој ресор Драган Тевдовски.

Во изминатите две години, името на Тевдовски беше „дежурна тема“ при секое споменување на можни кадровски промени во кабинетот. Неодамна Заев го предложи досегашниот министер за финансии за член во новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ, каде што исто така имаше  чистка  пред извесно време, но во значително поголеми размери. Сепак, Тевдовски, еден од главните креатири на изборната програма на СДСМ во 2016 година, не го помина тестот при „проветрувањето“ на владиниот кабинет. Така, неговото име беше единствено неоткриено досега при вчерашната објава на Заев за тоа кој си оди, а кој доаѓа на „Илинденска“.

Пред неколку седмици, премиерот се пофали со раст на стапката на БДП и со налаување на процентот на невработеност во земјава. Но, таа објава ја сподели во друштво со вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев, кој често имаше несогласувања од концепциска или идеолошка природа со досегашниот министер за финансии. Тоа посебно дојде до израз при реализацијата на идејата за прогресивниот данок, како еден од носечките столбови во програмата на СДСМ за последните парламентарни избори, кој и претходно беше дел од ветувањата на оваа партија.

По изборот на владата на СДСМ во јуни 2017 година, беа спроведени голем дел од мерките предвидени во програмата „За живот во Македонија“, која беше претставена како изворно левичарска и во голем дел насочена кон поранливите социјални групи. Оттука, според проценките, се роди и судирот меѓу Тевдовски и Анѓушев, кој, пак, стана вицепремиер за економија како претставник на бизнис заедницата.

Тевдовски е професор на Економскиот факултет во Скопје. Во неговиот тим во Министерството за финансии до скоро беше Бранимир Јовановиќ, истакнат економист и претходно активист во Левица, кој неодамна се повлече од позицијата, со образложение дека сака да се посвети на семејството. Тој посочи  дека заминува со позитивни впечатоци, посебно истакнувајќи ја даночната реформа. „Ги подобривме буџетските приходи, го намаливме дефицитот, го стабилизиравме јавниот долг“, оцени Јовановиќ.

Заев изјави вчера дека во наредниот период Тевдовски ќе биде негов советник.

„Оваа година ја прогласивме за година за економијата. Влегуваме во таа насока со сите перформанси. Тевдовски останува до мене, најверојатно како советник. Тој е член и на Извршниот одбор на СДСМ. Следуваат храбри решенија, храбри одлуки од кои бенефит треба да видат сите граѓани, во социјалниот дел, во делот на земјоделието, платите“, изјави Заев.

Тој рече дека, кога веќе се решени сите големи политички прашања, останува да се подигне стандардот. Како иден министер за финансии, Заев ги соопшти приоритетите во делот на финансиите и економските политики и нагласи дека ребалансот на Буџетот, ќе се донесе на почетокот на есента.

„Она што е важно е на 1 јули да почне враќањето на ДДВ-то за граѓаните. Главна задача во идниот период е порастот на платите. Не само кај здравството, и од 5 септември и кај голем дел од јавната администрација, туку сакаме да направиме и еден квантен скок на севкупното качување на платите. Ќе преземеме одредени конкретни чекори кои што ќе треба дефинитивно да го направат тој скок кон подобро на севкупните нето плати. Верувам дека до крајот на годината ќе имаме доволно финансиски капацитети за да ги покачиме и пензиите од 1 јануари идната година. Капиталните инвестиции се исто така многу значајни и во фокусот на вниманието и со сите механизми што ги имаме ќе заокружиме еден процес за да можат граѓаните директно да ја почувствуваат благосостојбата од тие промени“, најави Заев.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top