Членови на Синодот на МПЦ кај Заев: Писмото до Вартоломеј важна поддршка од Владата во решавање на црковното прашање

Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, што ја предводеше г.г. Стефан, архиепископ на МПЦ-ОА, придружуван од митрополитите г. Тимотеј и г. Климент..

Во соопштението од Владата стои дека делегацијата на МПЦ-ОА, како што информираат од владината прес-служба, на средбата изразија честитки за изборната победа и за новиот мандат на премиерот Заев, со желби за успешна работа во услови на мир на Владата на Македонија и за реализација на програмските определби за кои гласаше мнозинството на народот во земјата.

- На средбата, претставниците на Синодот на МПЦ-ОА искажаа благодарност за писмото упатено од премиерот до патријархот Вартоломеј и Цариградската патријаршија и ја поздравија оваа инцијатива како важна поддршка од Владата во процесот на обезбедување автокефалност на МПЦ-ОА,се вели во соопштението.

Се додава дека премиерот Заев на средбата изразил подготвеност да го поттикне ангажирањето на институционалните капацитети за затворање на денационализацијата на имотите што припаѓаат на МПЦ-ОА, како и за конзерваторските проекти за заштита на црковното културно наследство, коишто се и приоритети на Министерството за култура.

На средбата со архиереите на МПЦ-ОА, премиерот Заев уште еднаш упати честитки по повод 1000-годинишнината од Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, како еден од најважните црковни настани оваа година.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top