Чуден потег на Жозе Мурињо - Курт Зума во Манчестер Јунајтед!?

Се обиде Мурињо да ги доведе Алдервејрелд, Мегваер, Боатенг и Мина, но не успеа, на крајот ќе мора да се задоволи со Курт Зума, што звучи неверојатно..

Очигледно Мурињо се помири со судбината и маката го натера на ваков очајнички потег. Португалецот е упорен да доведе стопер по секоја цена ова лето, а по неколкуте неуспеси, си најде утеха во Курт Зума. Стариот познаник кој веќе еднаш тој лично го доведе во Челзи во 2014. година за 15.000.000 евра, а сега одлучи повторно да му даде шанса, овојпат на „Олд Трафорд“.

Француски „Л’Екип“ ја објави вечерва оваа неверојатна вест, со напомена дека менаџерите на Зума паралелно договараат и позајмица во Евертон и дека неизвесноста најверојатно ќе потрае до крајот на преодниот рок, утре во 18:00 часот. Што се однесува до Манчестер Јунајтед, на масата е конкретна понуда за перманентен трансфер, а францускиот весник јавува дека во Челзи се двоумат дали да го продадат 23-годишниот играч на директниот ривал за врвот на табелата.

Дали Зума е вистинското решение за Мурињо? Францускиот дефанзивец за четири години не успеа да се избори за местото стандарден првотимец во Челзи, без оглед на конкуренцијата, а не се прослави ниту минатата сезона на позајмицата во Стоук со кој испадна од Премиер лигата.

Затоа, ако е точно пишувањето на „Л’Екип“, кој обично секогаш има добри информации за француските фудбалери, зачудува овој потег на Португалецот, бидејќи Курт Зума навистина со ниту еден потег минатата сезона не покажа дека е играч за голем клуб.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top