Ципрас: Мирот и пријателството ги заменија омразата и национализмот

Грчкиот премиер Алексис Ципрас по гласањето во изјава за медиумите рече дека денеска е историски ден за Грција, бидејќи „се става крај на голем нерешен проблем што и тежеше на надворешната политика“, но е и историски ден и за Балканот..

Ципрас рече дека „денеска се роди една нова земја на северната граница, Северна Македонија, која ќе биде земја пријател и сојузник на Грција“.

Ципрас им се обрати и на сите оние кои се противат на договорот велејќи дека многу брзо и самите ќе ги видат придобивките.

-Сакам да им се обратам на сите Гркинки и на сите Грци. Резултатот на денешното гласање нема победници и поразени. Особено, сакам да им се обратам на оние кои се уште имаат свои приговори, го почитуваме тоа, критикуваат, го почитуваме и тоа, да бидат сигурни дека многу брзо ќе ги видат големите придобивки од овој голем чекор напред, рече Ципрас, пренесе МИА.

Во изјавата за медиумите, грчкиот премиер им се заблагодари на сите пратеници што ја поддржаа ратификацијата, велејќи дека „следните генерации и двата народи ќе им бидат благодарни бидејќи денес ги ставаат темелите за иднина на мирен соживот, солидарност и соработка“.

-Сакам длабоко од срце да им се заблагодарам на 153-та пратеници од нашиот Парламент, кои и покрај големите притисоци, уцените, личните напади издржаа и одговорија на околностите, на националната совест, давајќи ѝ приоритет на патриотската должност, она што самите сметаа и сметаат дека е национална придобивка за нашата земја, порача грчкиот премиер.

Ципрас по гласањето се огласи на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

-Денеска пишуваме нова страница за Балканот. Омразата од национализмот, конфликтите и кавгите им отстапуваат место на пријателството, мирот и соработката, напиша Ципрас, истакнувајќи дека “следните генерации во двете земји им должат благодарност на пратеници кои имаа храброст и смелост да ги постават темелите за иднината на мирот, солидарноста и хармоничниот соживот меѓу двата народи, напиша Ципрас.

Тој натаму  истакнува дека “Северна Македонија, која е родена денеска, ќе биде пријателска земја, сојузник и поддржувач на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и заеднички развој во регионот”.

Денот според него е историски, и бидејќи стави крај на големото нерешено прашање што ја оптоваруваше надворешната политика на Грција, истакнувајќи дека нема “победници и губитници” од денешното гласање. Тој, исто така, објави дека премиерот Зоран Заев му се јавил да му  честита.

Ципрас на почетокот од твитот напиша дека Грција денес заштитува значаен дел од нејзината историја, од културното наследство и античката грчка историја.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top