Црна Гора ќе прифати пет емигранти од Италија

Владата на Црна Гора одлучи вчера на барањето на Италија да прифати до пет емигранти од бродот Дичиоти, кои на крајот на минатиот месец се истоварија на италијанскиот остров Сицилија..

„Владата, уважувајќи ги принципите на хуманоста и солидарноста со луѓето во неволја како традиционални вредности на црногорското општество, потврдени многу пати во поновата историја, реши Црна Гора на молбата на Италија да прифати до пет емигранти од бродот Дичиоти“, соопшти црногорската влада преку Твитер.

Се наведува и дека со едногласно донесената одлука црногорската влада ја потврдува својата посветеност на европскиот систем на вредности и го афирмира човечкото достоинство. Италијанската влада минатата недела преку својата амбасада во Подгорица побара од Црна Гора да прими извесен број емигранти, од 140-те колку што се истоварија на Сицилија.

Во Црна Гора преку нелегални канали преку Албанија секојдневно пристигнуваат околу 20 емигранти кои брзо го продолжуваат својот пат преку Босна и Херцеговина и Хрватска до западните земји.

Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) за Црна Гора смета дека прашањето е дали сакаат емигрантите да дојдат во Црна Гора и да останат таму бидејќи не ја гледаат како своја крајна дестинација. Организацијата истакна дека може да се очекува ако Подгорица ги прифати емигрантите од Италија тие веднаш да побараат друг начин да стигнат до побогатите европски земји.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top