Црвенковски: Од ЕУ не бараме незаслужена награда, туку заслужена шанса

Ние не бараме незаслужена награда, туку бараме и очекуваме да ни се пружи заслужена шанса да го отпочнеме процесот на преговорите со Еверопската Унија, истакна поранешниот претседател Бранко Црвенковски..

Тој учествуваше на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“, каде беше потпишана заедничката декларација на членовите на Подгоричкиот клуб, во кој членуваат поранешни претседатели и премиери на земјите од регионот.

„Недобивањето на датум за почеток на преговорите во јуни ќе предизвика големо разочарување но и  сериозно нарушувње на кредибилитетот на Европската Унија и на македонската Влада во очите на македонскиот народ и сите граѓани на нашата земја“, рече Црвенковски.

Поранешниот претседател додаде дека е свесен оти на домашен план имаме големи слабости во многу области, меѓутоа, според него, отворањето на преговорите би бил најголемиот имплулс за спроведување на брзи и квалитетни реформи и исполнување на неопходните критериуми и стандарди.

„Не сум горд на ова што ќе го кажам и однапред се извинувам на сите кои што нема да се согласат со мене, но ние од овој регион, често пати не сме подготвени ниту пак имаме волја да спроведуваме сериозни и болни реформи, а клучните реформи се воглавно болни, доколку не сме изложени на сериозен притисок од надвор. Ете, затоа верувам дека за сите нас процесот на преговори е исто толку важен, ако не и поважен од самиот чин на пристапување во полноправно членство во Европската Унија“, рече Црвенковски.

Тој порача дека доколку ова лето не добиеме датум за преговори, за него тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во рамките на Европската Унија.

Во однос на декларацијата, Црвенковски рече дека таа ќе биде доставена до највисоките институции на Европската Унија, но и на националните власти на земјите членки на Унијата. Во неа, поранешните претседатели и премиери од регионот,  ја повикаа Европската унија и нејзините лидери да одржат отворена кредибилната перспектива за пристапување, врз основа на строги, но правични критериуми за пристапување, во склад со поединечните заслуги и постигања на секоја држава. Во декларацијата се додава и дека од суштинска важност е да се донесе одлука за определување датум за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, а изразена е и целосна поддршка на склучувањето на Спогодбата од Преспа.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top