Д-р Стојаноски: Во првите 100 дена ќе дадеме бонус плата за сите лекари и припадници на МВР

Интегрален текст од ијава на Синиша Стојаноски, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 1 и претседател на комисија за здравство.

Заштитата на здравјето и подигнувањето на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните, ќе биде еден од нашите основни приоритети во периодот што следува.

Како држава, во моментов, според сите параметри од релевантните и реномирани европски и светски институции, сме оценети како земја која што се уште се води како ризична зона во однос на исходот од справувањето со корона кризата.

Постои голема веројатност за нов бран на КОВИД-19 кој што се очекува од месец септември.

Оттука, мошне е важно да имаме влада која е посветена и знае како да се справи со потенцијалните предизвици.

ВМРО-ДПМНЕ со Преодната стратегија за првите 100 дена влада, се обврзува на зајакнување на капацитетите на јавното здравство. Државата и граѓаните никогаш повеќе нема да се соочат со хаосот во секторот на здравство.

Во првите 100 дена ќе формираме национално координативно тело за здравствена дејност, како и целосно нов концепт за функционирање на болниците.

Ќе се зајакнат целокупните  болнички капацитети, со акцент особено на инфективните одделенија во земјата, во насока на тоа да го дочекаме подготвени новиот потенцијален пик на корона вирусот.

Предвидуваме комплетно спроведување на дигитализација и аплицирање на концептот Е-здравство, односно здравство без хартија.

Дополнително во насока на подобра координација и ефективно функционирање, ќе биде извршено интегрирање и реорганизирање на клиниките во Кампусот „Мајка Тереза“ како и клиничките болници ширум државата.

Ќе имплементираме целосно нова методологија за тестирање, која ќе опфати тестирање на критични точки, со мобилни тимови на терен, тестирање по случаен примерок, серолошки тестови за откривање на граѓани кои стекнале имунитет на вирусот, како и зголемено широко тестирање на контактите на заболените со Ковид 19.

Со цел зајакнување на капацитетите на јавното здравство, планираме вклучување на младите лекари и специјализанти во борбата против Ковид 19.

Во првите 100 дена сите здравствени работници ќе добијат еднократна надокнада од 50% од нивниот личен доход, како награда за справување со корона кризата. Исто така во првите 100 дена вработените на Инфективна клиника и ГОБ „Осми септември“ ќе добијат дополнително една плата како бонус за натчовечките напори кои ги вложуваат во борбата со вирусот.

Награда за својот труд ќе добијат и вработените во МВР, кои неуморно се бореа во справување со последиците од кризата со вирусот.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top