Дачиќ: Косово нема да биде тема на разговорот на Путин и Трамп

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека Косово нема да биде тема на самитот на Доналд Трамп и Владимир Путин на 16 јули во Хелсинки..

„Мислам дека нема да стигне до таму, има многу други теми за кои тие прво ќе разговараат, но извесно е дека односите на САД и Русија ќе одат во правец на попуштање, а не понатамошно заострување“, кажа Дачиќ за РТС.

Тој додаде дека тоа е само почетокот на разговорите на двајцата претседатели и дека не треба да се очекува првиот состанок да заврши со спектакуларни резултати.

Дачиќ кажа дека се „празни приказни“ тврдењата на медиумите дека еден од епилозите на таа средба ќе биде договор Путин да го признае Косово, а Трамп Крим како руска територија.

„Тоа се празни приказни, но секако дека Србија треба да ги слуша информациите од сите страни, добро да ги анализира и добро да процени што се случува во меѓународните кругови, и тоа значи дека треба да ја продолжи политиката на дијалог со соседите и Приштина“, кажа тој.

Зборувајќи за поканата Трамп да ја посети Србија до крајот на годината, Дачиќ кажа дека тоа зависи од многу меѓународни фактори. Но дека е „сигурен дека ќе ја посети Србија за време на својот мандат“.

Тој повтори дека не треба да се очекува трајно решение за прашањето на Косово, без вклучување на САД и Русија и истакна дека наскоро ќе има помалку од 100 земји кои ја признаваат независноста на Косово.

Дачиќ истакна дека верува дека Албанците повеќе не се „миленици“ во меѓународните кругови и дека веќе не се во позиција да се закануваат.

„На сите им се веќе преку глава“, кажа српскиот вицепремиер и додаде дека аргументи за таквиот став наоѓа во официјалните средби во меѓународната заедница.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top