Дали е на повидок предлог за името?

Северна, Горна или Нова Македонија се трите можни решенија кои најмногу се форсираат во грчките медиуми..

Според нив еден од овие три предлози ќе се најде во папката која медијаторот Метју Нимиц ќе ја стави на маса на следниот состанок со преговарачите Наумовски и Василакис.

Дипломатски извори за тамошните медиуми брифираат дека доколку како решение биде понудено името Република Нова Македонија, тоа со себе би ги повлекло следните формулации.

Неофицијално скратено, името би било Нова Македонија, јазикот би бил, Современ Македонски јазик, државјанството – македонско, МПЦ би се преименувала во Нова Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Две точки за кои неофицијално нема да се преговара се идентитетот на македонскиот народ и идентитетот на Грците кои регионално се идентификуваат како Македонци.

Меѓутоа високи македонски дипломатски извори за ТВ21 велат дека предлог се уште нема на маса и дека секое име кое сега се споменува не е ништо повеќе од шпекулација.

За деталите не сакаше да говори ниту премиерот Зоран Заев во интервју за грчката телевизија „Алфа“ велејќи дека не сака да направи штета на преговарачкиот процес. Меѓутоа Заев е убеден дека решението може да биде постигнато до јули годинава.

„Верувам дека постои можност до крајот на првата половина до 2018-та година да најдеме решение кое дефинитивно ќе ги унапреди соработките меѓу двете земји, и кога конечно јас ќе можам да кажам како премиер на мојата земја дека стекнавме уште еден голем сојузник, тоа е нашиот јужен сосед, Република Грција“, смета Заев.

Во интервјуто Заев вели дека поставувањето на црвени линии само би го отежнале процесот на преговори и дека единствената црвена линија која треба да ја постават земјите треба да биде таа која ќе води кон решавање на спорот.

Тој истакна дека заедно со опозицијата и со останатиот државен врв работи кон постигнување на консензус за прашањето на името, но од друга страна лидерот на опозицијата Христијан Мицковски се пожали дека ВМРО-ДПМНЕ, досега не била консултирана ниту пак знае детали од тоа како течат преговорите.

„До овој момент немаме никаква информација како се одвиваат преговорите, која е нивната содржина, суштина, така што заклучно со овој момент можам истото тоа да го потврдам што впрочем го потврди и најголемата опозициона партија кај нашиот јужен сосед, односно нејзиниот претседател, господинот Мицотакис, истото го кажа, дека и кај нив најголемата опозициска партија не е вклучена и не е дел од овие преговори“, вели Мицкоски.

Попладнево и грчкиот премиер Алексис Ципрас кој имаше обраќање пред грчките министри на седница на Влада, истакна дека 2018-та е исклучително важна година за Грција како на економски така и на планот на надворешната политика, споменувајќи дека решавањето на спорот за името ќе биде во корист на мирот и стабилноста на Балканот.

„Имаме прозорец за решение, доколку се покаже дека промената на ставот на нашите соседи е искрена. Решение, кое ако се постигне ќе биде во корист на мирот и соработката на Балканот, но и во корист на една нова динамика за нашата земја во поширокиот регион. Во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во оваа насока“, додава Ципрас.

Од друга страна Фронтот за демократска Македонија (ФРОДЕМ) побара од претседателот Иванов, премиерот Заев и министрите во Владата да поднесат Нацрт резолуција до Генералното собрание на ОН за прашањето за името, поради, како што велат, се поголемиот притисок за промена на уставното име, како и непринципиелните и навредливи ставови и предлози кои доаѓаат од претставници на парламентарните политички партии во Република Грција.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top