Дали и една “вошка” (искра) може да го запали Балканот!?

Колумна на Веле Митаноски.

За една вошка не се гори јорганот, ама, само една "вошка" може да го запали "јорганот" и да го пеплоса Балканот!?

Да живеевме во време на еден порелаксиран Балкан, а не како сега (на бурето само уште што не му е запален фитилот!), можеби, на изјавата на една пратеничка од националистичка партија, ќе требаше да кажеме само, што би рекле Србите:“Окачи мачки o реп”, или, остави ја:“Додека будалите зборуваат, мудрите треба да молчат”! Но, за жал, времето не е такво, не се знае од каде ќе дојде потпалувачот на фитилот, а настаните се менуваат со таква брзина (се разбира од лошо-полошо!), така што, веќе, не знаеме што е личен став, а што – договор, што е чиста коинциденција, а што заговор!?

Сето ова погоре кажано, е во контекстот на изјава на “само” пратеничката во албанскиот парламент, Месила Дода,  од Партијата за правда, интеграција и единство(PDIU), основана во 2011 година, со, како што читаме, многу, “елегантно”, “европско” име и со “благородни” намери - да се бори за правата на Чамите, од областа Чамерија (од таму е потеклото на нејзиниот сопруг, а самата таа е од Северна Албанија!), кои Грција ги избрка од дедовските огништа, нешто, слично,  како епската судбина на нашите Егејци.

Познавачите, пак, велат, дека партијата повеќе се фокусира на националните прашања, надворе од Албанија, вклучувајќи го и Косово, како и Албанците во Македонија, Црна Гора и Прешевската долина, која, само пред една недела, “лично и персонално”, ја посети претседателот на Албанија, Нишани и каде беше пречекан како “нашиот претседател:”Добре дојдовте претседателе!”.

Значи упростено, прашањето би гласело: Дали се работи за поединечен излет (кој и се повторува на пратеничката!), кој не треба да “не вади од памет”, нешто како на “нашите тамбураши кои своевремено изјавуваа дека следниот конгрес ќе го држат во Солун и од тоа Грците ,,не ги фаќаше сон, (колегата Бошко Нацевски), или, пак, во прашање е “договор, кој служи на истата цел”(д-р Љупчо Ристевски).

На изјавата на пратеничката, прво реагираше Македонско друштво „Илинден“ од Тирана, кое,  преку соопштение,синоќа, остро ја осуди, како што ка нарекува, антимакедонската изјава на Месила Дода, од неделата во Пешкопеја. Месила, имено,  рече дека Република Македонија е Илирида, ги повика политичките партии на Албанците во земјава самите да конституираат свој парламент, а отиде дотаму што се закани со војна во Македонија.

- „Антимакедонските повици се нецивилизирани и немаат место на територијата на Европа. Ние мораме да работиме и да имаме храброст да изградиме искрени и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Албанија. Балканот мора да се оддели од омразата и од ксенофобија меѓу народите“, стои во европски интонираната реакција на македонското друштво „Илинден“.

Ако поаналитички и во контекстот на актуелните настани, пошироко во регионот (па и во нејзината земја, каде опозицијата е на барикадите!), го согледаме прашањето, тоа би можело да звучи и вака:За кого, нафрлувајќи и се на Македонија, јаничари пратеничката во албанскиот парламент,Дода!? За нејзината нова Партија за правда, интеграција и единство, и лидерот Шптим Идризи, откако ја напушти ДП основана од Сали Бериша (малку самореклама: По негова изјава, првото интервју со странски новинар,уште во 1989 пред официјално да ја формира партијата, го имал со известувачот на Танјуг!), или пак за сопругот - припадник на Чамите!?Ако и се замилио толку до човековите и национални права, зошто малку не се избори, на пример, за правата на Албанците во Грција – прашуваат етничките Македонци во Албанија.

Чекајќи го Годо (нашето МНР, а зошто да не и нашите колеги, Албанци и интелектуалците во Македонија - да излезат со осуда!), не само јас, туку и самите Македонци во Албанија, или нека биде ”само” поголемиот дел од нив, го поставуваат прашањето:Зошто за скандалозната изјава на пратеничката Дода, која, во неделата, отворено се закани со војна во Македонија, молчи и не се изјаснува партијата на Македонците во Албанија (МАЕИ), предводена од Едмонд Темелко (веројатно единстве светски, Риплиевски случај:жител на Ресен во Македонија, градоначалник во Пустец, Албанија!!!)? Дали, само затоа, што со госпогата пратеничка, која, не помалку отров кон Македонија и Македонците, претходно, истури и во парламентот,се согласни коалициски партнери, те прагмата надвладеала над интересите на етничките Македонци во Албанија и матичната држава – Република Македонија!?

Ајде, мој пријателе Темелко-разбуди го и нашето МНР! Тебе како лидер не те имаме само да бидеш “тур-оператор”за “изборен туризам!” И да молчиш, кога некој, или некоја, ќе ти ги навреди “туристите-гласачи”, дека биле  “гревчиња, кои  фатени за раче си се носат на гласање, сместени по  40 во една соба во Скопје!!!”.

Јас сум човек кој првите десетина години ги поминал на село, во Црвена Вода, каде прв комшија и идол во детството, ми бил Ванчо Николески, ние го викавме чичко Ванче, родоначалникот на македонмската детска поезија. Црвена Вода е во Дебрца, од каде потекнува и бившата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Ниту во моите најрани години, ниту подоцна, во мојата (и Гоцина!) Дебрца, немало таков примитивизам на селанец со “четири разреда школо”, а камоли на дипломец, академски граганин, уште и специјализант во лондонски престижни школи!?Срам и јад за нашата Дебрца, а мојот пријател Темелко не гукна за сите тие навреди.Темелко, коалициски партнер на пратеничката Дода! Темелко за чие приведување се дигна на нозе цело ДПМНЕ! Темелко кој за избори во Македонија, знаеше да го направи “цело Скопје-Пустец”, односно “цела Тирана-ВМРО-вски град!”.  Се разбира не сам. Ама ќе дојде време, кога ќе излезе на виделина дека не му помагал само Тодор Петров, туку и други наши “официози!”.

Нека биде и надвор од темава, Темелко (како што лично сум му зборувал), ако сака да им биде од корист на Македонците во Албанија, треба да се отргне од фарисејската прегратка на Петров. Македонизмот и каузата не се само расотките на неколкумина од раководството на МАЕИ до Скопје, по балканските метрополи, или во дијаспората – на сметка на наивноста и неинформираноста на нашите гурбетчии – финасиери во касата на Петров!

Додека јас финасирав од лични средства, подоцна и преку Агенцијата за информации на РМ, Македонците од Пустец имаа и радио и весник (прилог во Дневник од времето на Геровски), денес немаат од тоа ниту Р, Ниту В. Момчето што го осопосубавме за новинар во Супер радио, во Охрид, Темелко го испрати по пазарите во Македонија – да заработи корка леб. Денес, Темелко гледа со презир на комуњарите, а им се восхитува само на патриотите, кои им поделија лични карти за изборен туризам. Нема бегање од космичката сила Дента кога братот Љубе, им ги делеше во Пустец, јас со Стево Симски ја внесувавме опремата за радиото. Барем личните карти останаа!!!

Ете, некоја космичка сила, ме носи на вистинско место, во вистинско време! Во Пустец, Темелко не може без Тодора и кога ги пречекува премиерите на Албанија и Македонија (Фатос Нано и Бранко Црвенкоски). Бев дел од официјалната македонска делегација, во добар дел и организатор на посетата. За радиото што претходно самиот го направив во Пустец, на иницијатива на амбасадорот Ристо Никовски и со помош на покојниот Стојан Давчев. Бранко однесе и агрегат за радиото да не зависи од честитите прекини на електричната енергија.  Македонците од Голо Брдо, на премиерите им подарија книшки со македонски поговорки, а на тодорпетровските глупости, Фатос Нано, прочита на македонски јазик:“Да не го гориме јорганот, само за една вошка!”.

Да се вратам на почетокот: Дали за една вошка (изјава) треба да го гориме јорганот!?Односно: Дали и една “вошка” (искра)може да го запали Балканот!?

Сублимирано:За една вошка не се гори јорганот, ама, само една "вошка" може да го запали "јорганот" и да го пеплоса Балканот!?



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top