Дали ќе се промени надворешната политика на САД по конгресните избори?

Можно е, велат познавачите, но исто така може ништо да не се промени, зашто ќе биде тешко усогласување за кое било прашање.

Новото демократско мнозинство во Претставничкиот дом на САД ќе настојува да остави печат на во надворешни работи и да ја зема на одговорност администрацијата на Трамп кога новиот Конгрес ќе започне со работа во јануари.

Републиканците слично се однесуваа за време на голем дел од мандатот на претходната администрација на Обама, предупредија на потенцијално зголемување на партиските несогласувања во однос на надворешната политика, област за која во минатото, како на пример за време на Студената војна, имаше широк двопартиски консензус.

Демократскиот претставник од Њујорк Елиот Енгел, за кого се очекува да стане претседавач со Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, за Ројтерс изјави дека панелот ќе обезбеди темелно надгледување на работата на администрацијата во странство, вклучително и во Русија, Северна Кореја и Саудиска Арабија.

„Ако Саудијците сакаат поддршка, тогаш мораат да постапат по прашањата за кои сме загрижени“, вели Енгел.

Конгресните избори во вторникот го зајакнаа републиканското мнозинство во Сенатот, но демократите во Комисијата за надворешни работи на Сенатот истакнуваат дека е важно да се контролира барем еден дом во Конгресот.

„Ние ги распределуваме средствата“, рече демократскиот сенатор од Вирџинија Тим Кејн пред гласањето. „Кога Белата куќа ќе го испрати буџетот и предложи драматично намалување на помошта за странство, ние можеме да не се осврнуваме на тоа и да продолжиме со финансирање на овие приоритети.“

Моќта на мнозинството

Пред изборите, републикаците не оспоруваа дека демократското мнозинство во еден од двата дома ќе претставува предизвик.

„Примарната улога на Конгресот е да ја финансира владата, вклучувајќи го Одделот за одбрана, и демократите би можеле да имаат директно влијание“, изјави за Гласот на Америка републиканскиот сенатор од Тексас Џон Корнин.

„Демократите би можеле да направат многу со моќта на Конгресот“, рече Мајкл О’Ханлон од Институцијата Брукингс. „Со уставот претседателот добива дипломатска моќ. Тој е и врховен командант на армијата, но само Конгресот може да прогласи војна. Исто така за многу други прашања, како што е наметнувањето на санкции, Конгресот ги донесува законите.“

„Нема да биде здодевно“, вели експертот за националната безбедност Антони Кордсман од Центарот за стратегиски и меѓународни студии. „Не ја гледам контролата на Конгресот како проблем. Проблем е поделеноста во двата дома и тешкотијата било што да се усогласи.“

Влијателниот демократ од Комисијата за разузнавање во Претставничкиот дом, претставникот на Калифорнија, Адам Шиф, постојано бараше темелно водење на сметка за руското мешање во изборите, како и за врските помеѓу внатрешните кругови на Трамп и Москва. Сега ќе има одврзани раце да ја обнови и заживее истрагата и да повика на суд сведоци. Тој исто така би можел да има поизразена платформа од која ќе ја критикува Белата куќа.

Минатата недела, Шиф го впери прстот во Трамп откако нигериските трупи отворија оган кон демонстрантите, сугерирајќи дека изјавите и активностите на претседателот во земјата и во странство предизвикале почести авторитарни реакции на светската сцена.

„Овој инцидент во Нигерија е тоа што случува кога абдицирате од лидерството на слободниот свет. Да не ја споменувам основната пристојност“, напиша Шиф на Твитер.

Во меѓувреме, веројатно идниот претседавач со Комисијата за оружени сили на Претставничкиот дом, републиканскиот претставник од Вашингтон Адам Смит, беше водечки критичар на одлуката на претседателот да испрати војска на американската граница со Мексико во пресрет на очекуваното доаѓање на караванот мигранти од Централна Америка.

„САД можат да ја обезбедат границата и владеење на правото само ако ги поддржуваат вредностите на нашата земја за заштита на оние кои се соочуваат со прогон и насилство. Употребата на војската, како и да е, нема да помогне и само може да влијае ситуацијата да ескалира“, напиша минатата недела Смит заедно со повеќе од 100 демократи од Преставничкиот дом во писмо до секретарот за одбрана Џим Матис

Улогата на надзорот

Аналитичарите велат дека, на почетокот на јануари, демократите во Претставничкиот дом ќе употребат широка моќ за да ги преиспитаат одлуките и иницијативите на администрацијата, вклучувајќи го и потенцијалниот нуклеарен договор со Северна Кореја.

„Многу демократи ја критикуваат политиката на претседателот кон Северна Кореја“, вели О’Ханлон. „Сигурно многу демократи мислат дека тој е премногу пријателски настроен кон Ким Јонг Ун или премногу непредвидлив во неговите фалби и неговите пораки на Твитер.“

Од своја страна републиканците, велат законодавците од двете партии треба да соработуваат со администрацијата по прашањето на надворешната политика.

„Многу работи се случуваат во светот, така што мораме да се обидеме да бидеме колку што може повеќе обединети во работата со администрацијата, наместо да се приклучиме на отпорот“, вели Корнин. „Влогот е голем. Не сум многу охрабрен од она што го гледам во последно време. Ова е различно политичко опкружување од се` она што сум видел досега.“

Друг републиканец, сенаторот од Јужна Каролина Линдзи Грем, за демократите вели: „Не знам за што се залагаат. Знам за што се залага Трамп. Какво гледиште имаат демократите на надворешната политика? Мислам дека немаат. Не го сакаат Трамп, но за што се залагаат? Дали треба да останеме во Сирија? Дали треба да останеме во Авганистан? Што треба да направиме со Иран? Ова се прашања за кои тие никогаш не зборуваат.“

Кордесман вели дека „што точно ќе се случи, прилично е тешко да се каже.“

„Очекувам дека во однос на повеќе прашања од надворешната политика, демократите и во Претставничкиот дом и во Сенатот нема да направат големи промени во американската надворешна политика, бидејќи немаат начин да го сторат тоа“, рече О'Ханлон.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top