Децата што растат со музика побрзо созреваат

Некои деца не е баш лесно да ги забавувате бидејќи ниту една активност не го задржува нивното внимание.

Но, тоа не значи ништо друго, туку дека уште не е пронајдена нивната „слаба точка“, која ја имаат сите деца, а тоа е музиката. Им влијае позитивно на сите – и на бебињата и на децата на тригодишна возраст и на тинејџерите. На музика речиси сите сакаат да играат, да пеат, а што е најважно за децата – преку музиката побрзо се развиваат. Кои се добрите страни на музиката?

Го поттикнува развојот на говорот и го збогатува вокабуларот

Студии од деведесеттите години покажале дека изложувањето на музика од најрано детство им помага на децата да разговараат потечно и да го зголемат фондот на зборови. Професорката Сузан Халам од Институтот за образование, говор и музика при Универзитетот во Лондон го објаснува тоа преку структурата на мозокот. Ги советува родителите што почесто да им пуштаат музика на децата и почесто да пеат заедно со нив. Таа нагласува дека во раното детство децата најбрзо го учат мајчиниот, а подоцна и странските јазици.

Подобрување на моторните способности

Кога малото дете слуша музика, тоа инстинктивно плеска, скока и игра во ритам, а сето тоа му помага во развивањето на моториката. Тука спаѓаат рамнотежата и координацијата, па со самиот развој на моториката се придонесува до полесно совладување и на свирењето одреден инструмент.

Го намалува стресот и влева сигурност

Од првите денови од животот, а можеби и пред раѓањето, како што тврдат некои гинеколози, бебињата можат да се смират преку нежна, релаксирачка музика. Музиката им помага да заспијат ако е време за спиење, а ако е време за будење, да се разбудат. Ако детето ги слуша омилените песнички со родителите, особено ако ги пеат заедно, кај него се зголемува чувството на сигурност и блискост, што е доволна причина ваквиот вид забава да стане дел од секојдневието. Ако уочите дека детето ви е талентирано, побарајте експерт кој ќе ве упати на одредено музичко училиште и инструмент.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top