Ден „Д“ за Каталонија - прогласување независност или враќање на старо?

Претседателот на Каталонија Карлес Пучдемон вечерва треба да се обрати во каталонскиот парламент, а останува неизвесно дали ќе прогласи независност од Шпанија..

Пучдемон би требало да говори околу 18 часот и да извести „за актуелната политичка ситуација“.

Портпаролот на главната шпанска владејачка партија предупреди дека Пучдемон ризикува да биде уапсен ако прогласи независност.

„Историјата не смее да се повтори. Се надеваме дека утре ништо нема да биде прогласено, можеби затоа бидејќи и оној што ќе го стори тоа, би можел да заврши како оној што ја прогласи пред 83 години“, рече Пабло Касадо од владејачката Народна партија.

Касадо притоа мислеше на Луис Компанус, кој ја прогласи каталонската држава во 1934 година, а набргу потоа беше уапсен. Шест години подоцна е убиен за време на диктатурата на Франциско Франко.

Пучдемон во понеделник беше под голем притисок да ги напушти плановите за објава на независност на овој регион од Шпанија, откако стотини илјади унионисти викендов протестираа низ улиците на Барселона против прогласување на ваква одлука.

Според каталонскиот закон за референдум, кој Мадрид го прогласи за неуставен, со гласањето за независност во вторник би започнал шестмесечниот процес на преговори за разделба со Мадрид, пред регионалните избори и конечниот чин на одвојување.

Но, шпанската влада, охрабрена од неделните протести во Барселона, во понеделник јасно објави дека веднаш ќе одговори на било какво гласање во собранието.

„Ги повикувам разумните луѓе во каталонската влада…не го поминувајте работ бидејќи со себе ќе ги повлечете и луѓето“, порача шпанската вицепремиерка Сораја Санез де Сантамарија во разговор за радио КОПЕ.

„Ако дојде до унилатерална објава на независноста, ќе бидат донесени одлуки за повторно воспоставување на правото и демократијата“.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој не отфрла отстранување на каталонската влада и распишување на нови регионални избори ако Каталонија прогласи независност.

Станува збор за најголемата политичка криза во Шпанија откако стана демократија пред четири децении. Загубата на Каталонија, регион што има свој јазик и култура, Шпанија би ја лишил од петтина од економијата, дури и четвртина од извозот.

Редица компании и банки со седиште во Каталонија веќе ги префрлија своите бази надвор од овој регион. Последна во низата во понеделник вечер тоа го објави компанијата за управување со шпанските автопатишта Абертис, која има намера седиштето од Барселона да го префрли во Мадрид.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top