Ден на жалост во Кина по жртвите на коронавирусот

Кина денеска жали за илјадниците „маченици“ кои подлегнаа на ефектите на коронавирусот, со знамиња на половина копје низ целата земја и укинување на сите форми на забава..

Денот на жалост се совпаѓа со почетокот на годишниот празник Кингминг, познат и како Ден на предците, кога милиони Кинези им оддаваат почит на починатите членови на нивните семејства.

Во 10 часот по локално време, земјата со триминутно молчење им оддаде почит на сите кои им подлегнаа на ефектите на коронавирусот, вклучувајќи лекари и медицински сестри. Автомобилите, возовите и чамците вклучија сирени.

Во седиштето на владата, претседателот Си Џинпинг и другите кинески лидери им оддадоа почит на починатите пред националното знаме. Тие носеа пупки бели цвеќиња, што симболизира жалост во Кина, јавуваат државните медиуми.

Според статистичките податоци на Државната здравствена комисија, повеќе од 3.300 луѓе починале досега во континентална Кина од епидемијата на коронавирус. Епидемијата избувна кон крајот на минатата година во централната провинција Хубеи.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top