Денеска повторно седница за разрешувањето на јавниот обвинител Зврлевски

За денеска е закажано осмото продолжение на шестата седница на Собранието, на која се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски..

Седмото продолжение помина во реплицирање меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и блокада на собраниската говорница. Теми на расправата и репликите беа пожарите, мигрантите, Супер купот, Договорот со Бугарија.

Очигледно е дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се решени да ги користат сите деловнички можности за развлекување на расправата за разрешувањето на Зврлевски. Тоа може да значи дека расправата може да се развлече до крајот на септември. 

Разрешувањето на Зврлевски е на предлог на новата влада поради „негова нестручност и непостапување“. Решението за разрешувањ е во собраниска процедура повеќе од еден месец. 

„Пратениците на СДСМ ќе се воздржат од дискусија за да може Зврлевски што поскоро да биде разрешен“, изјави Петре Шилегов, пратеникот од СДСМ. 

ВМРО-ДПМНЕ бара разрешувањето на Зврлевски да биде ставено во мирување до 16 октомври, по завршувањето на локалните избори, повикувајќи се на член од Изборниот законик, според кој, по распишување на изборите е забрането „да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“. 

Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека пратениците нема да одат на годишен одмор сѐ додека не го сменат Зврлевски. 

Пријавени за дискусија има уште 30 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (по 10 минути за дискусија), со право за реплики и контрарепликите (3 минути) и за процедурални забелешки (1 минута). 

Десетте координатори од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ имаат право да бараат по еден час пауза.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top