Депласирано е прашањето чив е Гоце Делчев, велат македонски историчари кои членуваат во Комисијата

Македонските експерти во меѓувладината комисија со Бугарија предложиле неколку датуми за честување на Гоце Делчев, но 7 октомври предизвика бурни реакции во бугарската јавност..

Членови на комисијата од македонска страна велат дека тоа е така затоа што Бугарија како да не сака да нема ништо со своето комунистичко минато.

-Јасно ни е дека за Бугарија за современата политика и за голем дел од бугарската историографија еден голем дел од комунизмот во Бугарија се смета за минато кое треба целосно да се отфрли. Не сакам да го гледаме така, дека Гоце Делчев е само наш, чинот има симболично значење и со предлогот за тој датум сакавме да дадеме можност за исчекор, пред Европа да покажаме дека можеме да размислуваме за иднината без да се расправаме на вакво банално ниво на кое се сведе дискусијата во Бугарија. Се дискутира дали Делчев бил наш или нивни. Таквата дискусија е неприфатлива и несоодветна – изјави за „360 степени“ етнологот и антрополог Љупчо Ристески кој членува во комисијата.

Тој смета дека македонските експерти во комисијата имаат помодерен и либерален пристап, додека бугарските експерти се стара школа и дека се под влијание на политиката.

Историчарот Петар Тодоров вели дека е депласирано прашањето чив е Гоце Делчев.

-Има нешто кај него што не поврзува, затоа сакаме заедно да го чествуваме, не можеме да го чествуваме затоа што бил Бугарин. Дел е од бугарската историска традиција, не можеме да го негираме тоа, но дел е и од нашата, а што е поважно доста важен елемент за државоста на Македонија – вели Тодоров, додавајќи дека реакциите се избрзани.

На изјавите во Бугарија дека Делчев се декларирал како Бугарин, тој посочува дека има документи каде се декларирал и како Македонец.

Членовите на Комисијата ги критикуваат изјавите на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, и велат дека таквите изјави ја отежнуваат нивната работа.

-Толкувањето на Захариева има политички и едностран карактер, мислам дека доколку се продолжи дискусијата на ваков начин тешко е дека ќе стигнеме до резултати – сметаат македонските експерти.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top