Дибиров: Мајстори сме за пресврти!

Играчот со најдолг стаж во овој тим на Вардар, Тимур Дибиров уште еднаш го потенцира силниот карактер на неговата екипа..

Тоа го покажува и резултатот во дуелот со Загреб во кој актуелниот европски првак имаше негатива и од шест гола за на крајот да се радува на победата. За рускиот интернационалец пресвртот не е ништо чудно.

„Стоти пат кажувам дека имаме карактер. Не знам од каде, но добивме некоја сила во последните десет минути. Секогаш правиме вакви пресврти и со такви мисли влеговме и во завршницата на овој меч. Најважно е дека сме во финале и ќе го браниме трофејот во СЕХА“, изјави Дибиров по мечот.

Во финалето, в недела од 20:30 часот, Вардар ќе игра со стариот познаник Веспрем кого го победи во мечот за титулата во СЕХА во 2017 година, но и лани во финалниот натпревар од Лигата на шампионите.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top