ДИК ќе прави „генерална проба“ за безбедно гласање

Државната изборна комисија денеска ќе организира симулација на безбедно гласање со примена на мерките за заштита од ковид-19 и здравствените препораки за да прикаже како ќе изгледа гласањето на 15 јули..

Вежбата ќе се спроведе на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз-Тито“ и ќе биде симулиран целиот процес – од доаѓање на гласачи, процес на дезинфекција и идентификација и однесување на самите изборни органи и набљудувачи.

Од ДИК велат дека целта на овој настан е да се придонесе за поголема транспарентност и едукација на граѓаните за изборниот процес.

„Почнувајќи од доаѓањето на граѓаните на избирачкото место, чекањето, влегувањето, дезинфекцијата, идентификација, сѐ што е по закон, со посебно напоменување на сите здравствени мерки кои треба да ги почитуваат граѓаните, но и самите изборни органи и домашните и странските набљудувачи“најави вчера на седница Борис Кондарко, член на ДИК.

На настанот се поканети медиумите, домашни и странски меѓународни мисии, меѓу кои и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, претставници на Министерството за здравство, како и претставници на амбасадите. Поканети се и учесниците на изборите, односно политичките партии.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top