Димитров и Пендаровски фаворити и надпартиски кандидати

Продолжуваат разговорите за консензуален кандидат меѓу СДСМ и коалициските партнери, како и помалите партии од двата етнички блока..

Во тек се и нови испитувања на јавното мислење по нарачка на СДСМ, а кои треба да го исфрлат на површина името кое ќе ја има најголемата доверба кај гласачите.

Последните информации се дека во новите анализи ќе биде вклучено и ново име кое до сега не се споменуваше во рејтинзите, но на анкетите останува и познатата владина четворка, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и Стево Пендаровски.

Досегашните анкети покажуваа високи рејтинзи на Димитров и Пендаровски. Тие се и така наречените надпартиски кандидати за претседател на СДСМ, за разлика од Шекеринска и Спасовски кои имаат високи функции од партијата.

Според неофицијални информации копјата се кршат околу Димитров и Пендаровски, бидејќи како надпартиски кандидати имаат поддршка и од албанските партии. Сепак дел од албанскиот политички блок ретерира по однос на Димитров, откако во јавноста излезе видео на кое тој се поздравува со Јохан Тарчуловски.

Ова вчера го навести и лидерот на новоформираната „Алтернатива“, Африм Гаши. По средбата со Заев, Гаши рече дека за нив би било поприфатливо претседателскиот кандидат да е натпартиска личност која политички била внимателна во минатото, не давала, како што рече, „несреќни“ изјави, не била негативно настроена кон ниту една заедница.

Партискиот оглас на СДСМ за пријавување кандидати за претседател на државата заврши вчера, а официјално е позната само кандидатурата на поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

Партиските органи на СДСМ и ДУИ односно нивните организациски секретари до крајот на неделава ќе ги продолжат консултациите за можен зеднички претседателски кандидат, а се очекува официјално кандидатот да биде познат следната недела.

Потрагата по консензуален кандидат продолжува. Заев најави средби и со опозициските Алијанса за Албанците на Зијадин Села денеска, и со Беса на Билал Касами утре.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top