Димитров: Ќе ги искористиме сите можности Груевски да се соочи со правдата

Hикола Димитров, на маргините од министерскиот состанок оствари повеќе билатерални средби.

Како што информираат од ресорното министерство, за време на билатералната средба со Сијарто, Димитров истакнал дека случајот со бегството и добивањето азил на поранешниот премиер Груевски е предизвик за билатералните односи меѓу Република Македонија и Унгарија, кој од македонска страна се третира со голема внимателност и во согласност со принципите на владеење на правото.

„Ќе ги искористиме сите правни можности за негово соочување со правдата во Македонија“, рекол македонскиот министер на средбата. Неговиот унгарски колега ја повторил поддршката на Унгарија за европската и евро-атлантската интеграција на Република Македонија.

На средбата со грчкиот колега, Димитров разговарал за процесите и правните чекори кои следат во врска со пристапниот протокол за членство во НАТО. Од двете страни била истакната цврстата волја за имплементирање на договорот од Преспа.

Со холандскиот министер за надворешни работи, станало збор за реформите во областа на владеењето на правото.

„Нашата цел е да не оставиме никаков сомнеж меѓу земјите членки дека заслужуваме почеток на пристапни преговори со Европската Унија“, посочил Димитров во рамки на разговорот.

Со грузискиот шеф на дипломатијата, Давид Залкалиани, се разговарало за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

На последниот ден од работната посета на Брисел, во рамките на НАТО, Димитров ќе учествува на министерскиот состанок на Северно-атлантскиот совет со земјите контрибутори во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан. Предвидени се и средби на министерот со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини и со еврокомесарот Јоханес Хан..


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top