Димитров: Сите опции се во игра, правото на самоопределување не може да се оспори

Преку интензивни дипломатски напори Македонија ќе се обиде да избегне крах во декември. Ќе биде поразително ако идентитетските прашања станат пречка за старт на преговорите, бидејќи тие не се предвидени ниту во Договорот за добрососедство.

Ова е ставот на вицепремиерот Димитров, кој дополнува – ќе ги почитуваме соседите, но бараме и тие да не почитуваат нас.

На патот за отворање на преговорите не прати заканата за вето од Бугарија, олицетворена во историските прашања и оспорениот македонски јазик.   

“Апсолутно во овој момент не може да се исклучи дека нема да има меѓувладина конференција во декември. Меѓутоа, ако причината за тоа е македонскиот јазик, јас нема да имам проблем со тоа”.

Коментирајќи ги се пореалните закани за вето од Бугарија, вицепремиерот се повика на Договорот за добрососедство. Таму не е оспорено правото на самоопределување. Напротив, доколку се оспорува, тогаш тука нема пријателство, дециден е Димитров.     

“Јас сум убеден дека сите земји членки се свесни, а особено соседите, дека сме пред многу едноставен избор. Или ќе имаме заеднички успех, или ќе имаме заеднички дебакл. Оти евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде пораз за европската слика за соседна Бугарија, ама пред се за самата Европа и нејзините вредности”.

Во тек е засилена дипломатска комуникација со европските парнтери, вели Димитров, со цел да избегнеме блокада поради идентитетските прашања. Германија има силна амбиција да ги поченеме преговорите и се надеваме на успех, истакна вицепремиерот.

Дипломатскиот притисок го чувствува и официјална Софија. 

Во мисија да се најде заеднички јазик се вклучува и поранешниот премиер Георгиевски, кој ќе оди во Бугарија за да помогне во решавањето на тековните спорови. Како што објави бугарската агенција БГНЕС, посетата следува по претходна средба на Георгиевски со Заев.

Во интервју за “360 степени”, Георгиевски вели дека Софија не разбира - што значи македонски претседател или премиер да објави дека Гоце Делчев е заеднички херој и на Македонија и на Бугарија.

“Тие како да не сакаат да разберат дека до пред 3 години никој во Македонија тоа не смееше да го каже. Сметам дека и сон на бугарската политика долги години беше да добие таква изјава од македонска страна, и сега одеднаш кога ја имаат таа изјава имам чувство како да не сфаќаат што значи за еден македонски политичар да каже – чекајте, Гоце Делчев е заеднички јунак”.

Поранешниот премиер најави дека во Софија ќе има јавни настапи, во обид, како што вели, да разбие некои тези што во моментов се шират во Бугарија. 


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top