До Еди Рама: „Првиот комшија е покорисен и од највисокиот плот“!?

Колумна на ВелеМитаноски.

После сегашнава поларизација следува целосна парализа на политичките институции, ситуација што ја препознавме како во предвечерјето на етничкиот сукоб во Македонија во 2001 година. Затишје пред бура. Актуелнава криза ми дава за право, скоро со сигурност, да прогнозирам дека македонската политика веќе ништо конструктивно не е во состојба да произведе и дека работите ќе одат кон конфликт и насилство” (Денко Малевски) .

Накај плови овој брод на кој сме сите качени!? И “дал итко зна шта море спрема”!? И зошто сме ние при очи слепи и при уши глуви, додека Македонија е на чекор од понор? Дали ни е толку неопходна просторната дистанца, како што, на пример подучуваше премудриот владика Његош дека од подалеку и од повисоко се гледа подобро, те од Брисел и Берлин ни кажуваат на кое дереџе сме? Дали ние “поради лисјата не ја гледаме шумата”!?

Нашата актуелна ситуација може да се иулустрира само со синтагмата: Дојде времето кога морето се дави во реката!? Се е превртено на глава, разумот се прогласува за предавство, лудоста и заслепеноста за херојство! “Во нормални времиња духовно болните се наши клиенти, во ненормални како кај нас- ние сме нивни пациенти!” (Ернест Кремчар, лекар, психијатар од хитлерово доба). Пред една недела, на улица, во строгиот центар на Охрид, кај плоштадот, ме пресретнуваат двајца. “Сите предавници ќе ги бесиме”, вели! Си продлжив по патот каде сум тргнал, а овој, сигурно помисли дека сум наглув: “На ченгил, на ченгил ќе ве бесиме”- вели.

Зошто? Според кои критериуми се прогласуваме за “предавници” и “патриоти”? Во чие име, го правиме тоа, ги жигосуваме лугето!? Како дотуркавме дотаму, Латас да не хушка на војна ( заките со докторска титула!), а заставникот Бојо, да дели универзитетски дипломи, наметнат во ректорска одора!?

Како можеше да ни се случи, толку да ни ги исперат мозоците, те сега самопрогласени патриоти, по примерот на чавките, сите белци, да ги гледаат како црнци и обратно! Реалноста е илузија на перцепцијата. Ако ја промениш перцепцијата, ќе ја промениш и реалноста! Професорот и искусен дипломат Денко Малеовски, драматичната ситуација во Македонија ја споредува со сцената од филмот на Серџо Леоне „Грд, добар, лош“. Најнапред ќе се истребиме во интранационален двобој, а потоа во мегунационален „тробој“!Во името на што кај нас омразата ја храни одмаздата? И “кој ни го тоа направи”, друже Зинго, те заборавивме дека простувањето не ослободува од омразата!Да се прости не значи да се заборави.Ама, барем, ќе продолжевме напред. Вака, што!?

“На највозвишените крстопати на животот, нема никакви знаци и предупредувања” (Е.Хемингвеј).Претчувството е глас божји, ама доага од густа,темна шума! Ако не го препознаеме навреме, ќе раскажуваат оние што ќе преживеат! Работите сигурно нема да одат на подобро, туку на полошо. “Само, постојат ли сè уште на Запад кандидати спремни да нѐ спасуваат од нас самите, или ни истече времето “– се прашува Малевски, враќајќи не во времето на 2001-та.

И што ако напишеме: Не ја жртвувајте Македонија, спасувајќи се самите себе!Зарем тие не го знаат тоа? Зарем тие мислат дека спасот на најтесното семејство, ќе ги спаси и нивните пријатели, роднини, познајници, партијци, ајде за “душмание”-нека ни им е гајле! Македонија е две квартчиња од Шангај, или Њујорк!

Во една таква ситуација, спасот е во мудроста на лидерот на сегашната опозиција, на која надвор од секаков ум и разум, не и се дозволува мирен трансфер на власта, но и во искреноста на лидерите на партиите на Албанците, пред се, на Али Ахмети. Треба да повлекуваат мудри потези, макар биле тие и непопуларни. Јас бев тој кој прв повика: “Друже Заев не го чекај мандатот, зграпчи го сам!” Ама, тоа беше веднаш по изборите. Сега е доцна, протече многу вода под мостот на Вардар!?

Сега е неопходноа да им се одземат сите адути на “тврдокорните” и нивните подбуцнувачи, макар и на штета на личниот и партиски рејтинг. Залогот е преголем за калкулации. Времето брзо тече, оставени сме сами на себе, дури и “таткото на нацијата” не напушти! “Сирак пусти без нигде никого!” (Његош). “Селото гори а Горѓе се чешла во Азербејџан, кај претседателот Илхан Алиев и претседателката Мерхибан Алиева.Со него си го зел и целото семејство! Нас не остави сами. Ќе не спасува со тоа, што следно му е – кенгурскит скок до Мелбурн и Перт, на покана на тамошниот амбасадор, поставен од него!?

На подбуцнувачите на пожарот, на почетокот алатка им беше мешањето на западот, па одбраната на јазикот, па Платформата на албанските партии, која, во мегувреме постана Тиранска. Злобниците би рекле:ајде да се определуваме помегу Тиранска платфома и тиранијска влада!? Разумните, одавна повикуваат, на “тврдокорните” извршители и мекотелните наредбодавачи, да им се одземе и тој последен адут, односно алатка. Ахмети, Села и Касами направија “грешка во чекори” и тие треба да ја исправат.Сеедно дали Еди Рама, нив ги искористи за предизборна алатка, заговарајќи Закон за гласање на Албанците и од дијапората на тамошните избори. Сеедно што некогашниот најуспешен градоначалник (на Тирана) беше најуспешниот во Европа, уметник кој продаваше слики и икони во Париз, “западно ориентиран” до степен што околу него сега се некогашните челници на ШИК (националистите од тајната служба!). Сеедно дали Касами (без Рама) не сакал да седне со Ахмети, или пак сите заедно го сонуваат и делат “единствениот културен простор” – синтагма на мојот пријател Сали Бериша!?

Времето е такво што или ќе се спасуваме сите заедно, или ќе гориме – пак сите заедно! “Најмрачното сценарио ми вели дека во таков случај околните балкански држави, би влегле на територијата на Македонија за да создадат одбранбени тампон зони подалеку од своите граници (пak Денко Малевски, и како потсетување и пиетет кон таткому Владо, чест посетител на мојот дом во Црвена Вода, за време на НОВ и антифашистичката револуција.(Да и дедо ми Ангеле, и татко ми Ристо и сите чичковци – беа партизани, а јас секое утро во училиштето, влегував под плочата на која пишуваше: “Овде престојуваше Главниот штаб на НОВ и ПОМ и овде е донесен Манифестот на Главниот штаб”!).

Eди Рама одбра погрешно време, за да го јавне коњот на патриотизмот, на кој и да сака не може да му ги држи уздите! Тој е наследник на Фатос Нано во Социјалистичката партија на Албанија (таму велат: И после Влав – Влав!), а СП е наследник на албанската КП и на целиот имот. Таму беше и еден нашинец од Гора, (село Борје), Намик Докле, кој од 2001-2004, беше претседател на Парламентот и потпретседател на СП.

Фатос Нано, го донесе Рама од Париз, му го довери ресорот за култрура во Владата, потоа беше градоначалник, за на крајот да му ја преземе партијата. Фатос Нано денес е само бизнисмен (велат имал станови во Пештани, кај Охрид), ние не знаеме какви им се односите денес, но знаеме дека македонско-албанските односи беа најдобри во времето на Фатос Нано (и Бранко Црвенкоски од оваа страна – во што и лично, во две прилики, можев да се уверам) и дека Еди Рама, треба нешто да научи од тоа.

Сали Бериша го испрати Нано во затвор, а кога излезе, победи на изборите и беше премиер На 14 септември 1998, Бериша извади на улица десетици илјади народ, ги нападна институциите, а Фатос Нано, со хелихоптер долета кај нас и остана ден два во Охрид, додека помина луњата! Тоа се истите демонстранти, кои и денеска се на барикадите во Тирана, а од позадина ги раководи истиот Бериша. Наравоучение за Рама: Дури и тогашниот портпарол на НАТО за Албанија и Македонија (Крек Ретклиф, сопругот на тогашната наша амбасадорка во Тирана, Елеонора Ретклиф), се чудеше “на млакоста на демонстрантите!”.Подоцна се виде во што прерасна “млакоста”, а главата на Нано висеше на конец.

Непријатно ми е што во актуелниот контекст ќе го споменам рускиот претседател Путин. Политички и безбедносно не се реферирам на него (дури и Србите велат: “Да бог да да ти запад буде непријател, а Русија-пријатељ!”), но, од неговата книга, ми остана во сеќавање мислата, советот на неговиот татко: “Првиот комшија, е покорисен и од највисокиот плот”.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top