Додик објасни зошто црташе нова карта на Балканот: Хипотетички одговор на хипотетичко прашање

Претседателот на Република Српска Милорад Додик објасни зошто во интервјуто за Дојче веле црташе нова мапа на балканот. Тој истакна дека му било поставено хипотетичко прашање кое би подразбирало долгорочни решенија..

„Она што го кажав може да се смета за некакво мое мислење, односно како мој хипотетички одговор на хипотетичко прашање. Ништо повеќе. Официјалниот став на Република Српска во тој поглед е познат: не го признаваме Косово и го почитуваме територијалниот интегритет на Србија. Апсолутно е јасно дека Република Српска, доколку дојде до какво било придвижување на дефинитивно одлучување за тоа во Србија, смета дека треба на дневен ред да се стави и прашањето на Република Српска. Повторувам, тоа би било хипотетички. Може тоа сега да го употребува и злоупотребува кој како сака. Има различни мислења за сѐ, а официјалниот став е она што е јавно и што се почитува“, наведе Додик.

Тој додаде и дека Бања Лука ја следи Србија од почетокот по тоа прашање и дека е невозможно два речиси идентични случаи различно да се гледаат и да се зборува дека Косово може да биде независно, а Република Српска не може.

„Не е клучно прашањето на Косово, туку е клучно прашањето на Република Српска кое сакав да го нагласам. Значи, невозможно е да се разговара за тоа некој да го одвои Косово, а Република Српска да остане во БиХ. Тоа е основната порака и на таа моја карта и на тој мој став. Според тоа, на хипотетичкото прашање – што ако биде одвоено Косово, ако е тоа воопшто можно, ако е тоа констелацијата на односите, тогаш нашето прашање е – што е со Република Српска? И тоа е клучното прашање. Нормално, и понатаму така мислам“, истакна Додик.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top