Договорот од Преспа пред ратификација во Грција

Владата на Ципрас се надева дека утрешната посета на германската канцеларка ангела Меркел на Атина ќе резултира со силен притисок врз опозициската Нова Демократија која се спротиставува на преспанскиот договор, открива германскиот весник „Шпигел“.

„Официјална Атина се надева дека посетата на Меркел и силната подршка на преспанскиот договор на Берлин ќе ја стават Нова Демократија во тешка позиција. Да не заборавиме дека партијата на Мицотакис е сестринска партија со владеачката христијанско-демократската унија од Германија“. - пишува весникот.

Во пресрет на последното гласање за уставните измени во македонското Собрание и префрлувањето на топката грчки терен каде ќе треба да се ратификува и договорот од Преспа и протоколот за НАТО, во грчката јавност повторно се разгледуваат опциите дали владата на Ципрас ќе има мнозинство во парламентот и дали Ципрас ќе биде приморан да распише предвремени избори. Според најавите грчкиот премиер уште вечерва е можно да се сретне со коалицискиот партнер Панос Каменос кој тврди дека ќе ја напушти владата ако договорот од Преспа дојде на гласање. Сепак по вчерашниот состанок на СИРИЗА дојде соопштение.

„Владата ќе има мнозинство од 151 пратеник за секое критично гласање во собранието.“ - се вели во соопштението на СИРИЗА.

И додека грчките аналитичари ги разгледуваат опциите за можни предвремени избори веднаш по ратификацијата на договорот во март, мај, или на есен, извори од грчката влада брифираат дека предвремени избори нема да има, туку владата ќе го истера целиот четиригодишен мандат. Она што е јасно е дека и гласањето во парламентот и евентуалните предвремени избори зависат не од Каменос, туку од малата партија Потами во превод Река чии членови даваат контрадикторни изјави дали ќе гласаат за ратификација на договорот за името.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top