Документарниот филм на археологот Ирена Колиштркоска Настева на фестивал во Бугарија

Во содржината се обработени 11 наоѓалишта од Република Македонија.

Археолошкиот музеј на Македонија на 17.05.2014 година во Софија, Република Бугарија, на Фестивалот Денови на културно наследство ќе се претстави со филмот „Движни записи од македонската археологија“ од авторката археолог Ирена Колиштркоска Настева. На фестивалот овој филм ќе биде прикажан како  „АРТЕФАКТИ ОТ МАКЕДОНСКАТА АРХЕОЛОГИЈА“.


ДВД-то е издадено 2011 година. со поддршка на Министерството за култура, германската невладина организација ДВВ и авторката. Записите се стари од 10 до 20 години, но тоа не ја намалува нивната актуелност, напротив за истражувачите нуди архивски податоци кои се корисни бидејќи сегменти од тие истражувани локации денеска не постојат.

Во содржината се обработени 11 наоѓалишта од Република Македонија, со широк хронолошки распон, од праисторијата, па до средниот век: Стоби, Градско, Северно подградие, с. Село Град, делчевско, Вардарски рид, Гевгелија; Тумба-Писта, с.Мамутчево, велешко, Пилаво, с. Бурилчево, кочанско; Тумба, Маџари, Скопје; Тумба, с. Стенче, тетовско; Владетелска гробница, с. Бразда, скопско; Некропола с. Бучинци, скопско-кумановско; Врањак, с. Варвара, скопско; Некропола Градиште-Кале (каде што денес се наоѓа амбасадата на САД), Скопје. 

Внесен е воведен текст пред почнувањето на секој археолошки локалитет кој го запознава гледачот со археолошкото наоѓалиште, хронологијата, материјалот, кој раководел со ископувањата, каде се изложени или депонирани експонатите и сл.

 Можноста за пошироко користење на ова ДВД  е уште поголема со тоа што освен на македонски јазик, текстот е преведен на англиски јазик од Нада Андоновска (односи со јавност во Музеј на Македонија) и на албански јазик од Луљета Абази (археолог од Музеј на тетовскиот крај, Тетово). Владимир Вељановски го обликуваше материјалот на монтажен стол.

 Пред две години филмот дебитираше на меѓународниот архео-филм фестивал во Музеј и галерија во Подгорица, Република Црна Гора.

 На маѓународните празници "Ден на музеите", и "Ноќ на музеите", 2013 година беше прикажан пред широката јавност во Музејот на Македонија.

Фестивалската филмска програма и годинава се остварува во соработка со странските амбасади и културни центри во бугарската престолнина  - покрај КИЦ на РМ во Софија, вклучени се и институтите за култура на Италија, Унгарија и Полска и Амбасадата на САД во Софија. Македонскиот дел од фестивалската програма ќе го претстави директорот на КИЦ на Р. Македонија во Софија, г-динот Васко Шутаров.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top