Драма, Македонија со гол на Лазаров во последната секунда ја победи Украина!

Македонската ракометна репрезентација во меч со исклучително драматичен финиш ја победи Украина со 26:25, Кире Лазаров со гол во последната секунда го донесе големиот триумф..

Македонија со победа го почна Европското првенство, совладана е Украина во неочекувано драматичен финиш, Кире Лазаров и Никола Митревски се хероите од воведниот меч.

Нашата репрезентација ја оствари целта, ги освоивме планираните бодови против Украина, но малку фалеше да направиме од готово вересија.

Македонија одигра одлично во првото полувреме, Никола Митревски царуваше на голот, на одморот заминавме со три гола позитива, 13:10.

Во вториот дел дојдовме и до пет голови предност 16:11, но паднавме во финишот од натпреварот и дозволивме на Украина да се врати. Во последните моменти тие дојдоа до израмнување 25:25. Македонија го имаше последниот напад, одлуката падна да решава најискусниот Кире Лазаров, капитенот не погреши, даде гол во последната секунда за победа од 26:25.

Никола Митревски имаше фантастична партија со 15 одбрани, дел од нив беа во финишот од натпреварот кога ни беше најтешко. Капитенот Кире Лазаров го постигна најзначајниот гол, и беше најефикасен со осум погодоци, Манасков даде пет, Стоилов и Талески по четири.

Утре е слободен ден за Македонија, следниот меч го играме во недела против Чешка од 16 часот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top