Драма за две места во ЛШ: Лестер и Јунајтед ќе го играат финалето!?

Уште три кола остануваат во Премиер лигата, а ситуацијата изгледа позамрсено од кога било претходно..

Одличната форма на Манчестер Јунајтед, кризата во која се најдоа Тотенхем и Лестер, но и фантастичните Вулверхемптон и Шефилд Јунајтед придонесоа многу екипи да се надеваат на третото и четвртото место. На ова кумуваше и преиначувањето на казната на Манчестер Сити поради што неколку клуба се надеваа дека и петтото место ќе носи во Лигата на шампионите.

Ситуацијата дополнително ја замрси синоќешното реми на Јунајтед против Саутемптон поради голот примен во 97. минута. Сега „ѓаволите“ се во нешто потешка ситуација бидејќи два од последните три натпревари играат на гостински терен. Меѓу нив и директниот дуел со Лестер во последното коло на Кинг Пауер стадионот кој најверојатно ќе одлучува за тоа кој ќе игра во Лигата на шампионите.

Финале може да биде и дуелот меѓу Челси и Вулверхемптон, исто така во последното коло, особено ако лондонскиот тим загуби од Ливерпул на 22 јули на Енфилд. На Вулверхемптон и Шефилд Јунајтед ќе им треба чудо за да дојдат до третото или четвртото место бидејќи не само што имаат негатива од 5-6 бода, туку и во последните три кола, два гостуваат.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top