Драматичен апел и крик на мештаните од историското село Црвена Вода, општина Дебрца

Пишува: Веле Митаноски.

Има ли некој во ова држава кој ќе не спаси нас - од самата држава!?

Охрид, 29. декември 2018 Жителите од селото Црвена Вода, општина Дебрца, најавуваат селско востание “со сите средства” докоилку државата, во најитно време, не преземе мерки да го попречи натамошното уништуивање на патот, кои самите си го изградиле – со сопствени средства, труд, а ги дале и сопствените ниви и дворови, без никаков надоместок.

Државата, Република Македонија, кон која се обраќаат за спас, всушност, е виновникот, иницијаторот на нивните маки и страдања, со тоа што издава, преку, Министерството за економија, концесија за искористување на минерални суровини.

Мештаните, како што наведуваат до писменото обраќање до медиумите и јавноста, во форма на последен крик, бараат содејство за спас, предизвикано од хоротот кој им го приредува државата со тоа што им подлегнува на апетитите на поединци за полнење на личните, односно партиските каси.

Сето тоа на нивна метка, врз нивните маки, средства издвоени за изградба на патот од Ново Село до Црвена вода, сега потполно уништен, речиси неупотреблив, опасен, како што пишуваат,  до погибија!

- Откако увидовме, дека во оваа држава царуваат економскиот и политичкиот криминал, не ни преостана ништо друго, освен до Вас, а преку Вас и до јавноста, да го испорачаме последниот крик. Додека Владанка Авировиќ самата си пишува закони за да го спаси сина си од апс, прашуваме - има ли некој во ова држава кој ќе не спаси, нас, мештаните од Црвена Вода – од самата држава? – огорчено прашуваат мештаните.

  Како што е познато, пред повеќе од 3 децении,  проектиран, пробиен и пошлунчен е патото, на иницијатива на жителите и Месната заедница од село Црвена Вода. Средствата за зафатот ги обезбедија самите селани, преку самопридонес.

За  нивна средината на патот, излезе квалитетен мајдан со чист шљунак, кој со децении се користи при изградбата на станови и други објекти во Охрид и Струга, а во овој момент и при изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Министерството за економија, преку Секторот за минерални суровини, им има издадено концесии за ископ на фирмите “Гранит” и “Бетон” од Скопје, како и “Побдеа” од Ботун, село во општина Дебрца.

Ако годишно, според пресметките на самите фирми, се ископуваат од 30 до 50.000 тони, односно просторни кубици материјал, може слободно да се пресмета колкава количина материјал е превезена по патот, до кој степен е тој уништен, додека последиците по животната средина, никој не ги пресметува.

За несреќата да им биде уште поголема, камионите кои доагаат да се полнат со квалитетен материјал, за да не одат празни (!), го понесуваат со себе шутот и сметот од Охрид, како “подарок” кон оние на чија несреќа се богатат нивните сопственици!

Општина Дебрца, во најголем дел, но и Министерството за економија,  прибираат средствата кои ги уплаќаат концесионерите.Назад за патот не вратен ниту еден денар, речено народски – ние со СОПСТВЕНИОТ КАМЕН СИ ГО ДОБИВМЕ ПО СОПСТВЕНАТА ГЛАВА! – стои вописменото соопштение.

Мештаните не располагаат со податок колку вкупно средства се уплатени досега во Буџетот на општина Дебрца, односно Министерството за економија. Во секој случај, тие мора да се во висина на денарска противредност од десетици илјади евра. Месната заедница и мештаните за тоа немаат никаква информација и отчет.

- Уште еднаш укажуваме,последен пат на овој начин, а ако никој повторно не не слуша во општината и државата, ќе не слушне кога, со протест, ќе го затвориме патот. На тоа имаме целосно право, затоа што не само што сме го изградиле патот – наведуваат мештаните.

Тие сметаат дека на тој начин ќе ја одбранат честа и на самата држава и институциите, затоашто Република Македонија, со сите нишани е создавана, токму во нивното село, токму со напорот на нивните родители. Сите селани, без исклучок во партизани, сите жени и девојки, без исклучок, плетачки на чорапи и месачки на леб за партизаните.

- Само ќе потсетиме: На 3 октомври 1943 година во Црвена Вода беше изаден Манифестот до македонскиот народ за омасововуање на антифашистичкото востание, првиот документ печатен на македонски јазик. Тука е формиран Иницијативниот одбор за подоцнежното свикување на АСНОМ, тука е извршен изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ, со Црвена В ода се поврзува доагањето на британската сојузничка мисија, функционирањето на партизанската печатница, формирањето на Покраинскиот комитет на СКОЈ, префрлањето на Главниот штаб и на ЦК на КПМ од Лопушник во Црвена Вода, првите диверзантски акции, првата слободна територија - од Ботун до Пресека, првите народно - ослободителни одбори - никулци на народната власт, првите аналфабетски курсеви за описменување на населението, формирањето на батаљонот "Мирче Ацев", првата регуларна воена единица, од август 1943, што веќе се одбележува како ден на АРМ – наведуваат мештаните од историското село Црвена Вода.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top