Друштвото на Антички Македонци од Перт не сака да биде преименувана арената Филип Втори!

Како друштво се залагаме за зачувување на националните и културни вредности на македонскиот народ и затоа ја замолуваме Владата на Македонија да не го менува името кое буди гордост и историски чувства кај Македонците, пишува во отворено писмо на Друштвото..

„Ваквиот потег ќе ни ја разниша културната еманципација пред другите народи... Причините поради кои се менува името на градскиот стадион во Скопје се од економска природа и се потикнати од струи кои пред сѐ гледаат финансиска корист од сето тоа. Проектот на Владата на Република Македонија за доизградба и реставрација на градскиот стадион беше едно мудро и храбро решение со кое нашите водачи му дадоа на македонскиот народ предмет за гордост и обединување. 

Со обновата на стадионот, македонската нација доби платформа каде што може да се собираат за да ги прослават најважните моменти од културен и спортски карактер, добија собиралиште каде треба да се градат спомени, каде треба да се носи и собира целото семејство и младината за да ги бодри македонските синови да освојуваат нови успеси на спортски и културен план. 

Сами знаеме и сме сведоци дека спортот и културата се најдобрите амбасадори на една нација и не треба да го одземаме она што со голем труд и храброст го спечаливме и изградивме... Сите странски репрезентации и тимови кои дошле на нашата арена памтат дека играле на полето на Македонците, на арената на славниот Филип II, кралот на Македонија, првиот голем монарх на Европа и тоа е наш адут кој секаде нѐ претставува како нација и култура. 

Дали мислите дека некој би дозволил да се одземе името на еден Јоргос Караискакис од атински Пиреј (стадионот на Олимпијакос) или Васил Левски во Софија (национален стадион на Република Бугарија) и би дозволиле да се смени со името на било кој инвеститор или сопственик?

Ве молиме и упатуваме апел, не дозволувајте да се одземе она што беше создадено со храброст и мудрост и што доби толку добар прием кај македонскиот народ. Доколку треба да се вметне или истакне името на некој инвеститор, постојат разни начини тоа да се изведе, без да се повредат националната гордост и историја зошто тие се позначајни и потрајни од било кој инвеститор или сопственик“, соопшти Друштвото на античките Македонци од Перт. Извор: МКД.мк


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top