ДСЗИ ги поништи сите решенија за изолација и државен карантин од 13 јуни

Се поништуваат решенијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за лица под здравствен надзор, домашна изолација и државен карантин за периодот од 13 до 25 јуни, информираат од Владата..

Главниот координативен кризен штаб, како што соопштуваат од владината прес-служба, доставил барање до ДСЗИ за престанокот на важноста на издадените решенија за домашна изолација за лицата кои се вратиле во Македонија со негативен ПЦР тест на Ковид-19.

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно член 136 став 1 алинеја 4 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/15 и 65/18) донесе Одлука со која го запира извршувањето на сите негови решенија донесени во периодот од 13 јуни до 25 јуни во 2020 година за ставање на лица под здравствен надзор и домашна изолација кои влегле во Република Северна Македонија со негативен ПЦР тест на Ковид-19 и потпишана изјава, како и решенијата издадени за лица кои се ослободуваат од државен карантин со негативен ПЦР тест на Ковид-19 по нивното враќање во Република Северна Македонија од земја со висок/среден ризик за Ковид-19, а спроведените дејствија по истите решенија се поништуваат“, информираат од владината прес-служба.

Одлуката, согласно Закон, ќе биде објавена во „Слободен печат“ во текот на два последователни дена почнувајќи од 26 јуни, а потоа и еднократно во „Службен весник на Република Северна Македонија“.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top