Џафери доби плакета Амбасадор за мир на конференција во Приштина

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска и утре во Приштина учествува на конференција организирана од Федерацијата за универзален мир (Европа)..

Џафери имаше обраќање на конференцијата на тема „Култура и мир на Балканот – Улогата на пратениците”.

– Мирот е една од најголемите вредности на човековата цивилизација. Тоа е неделива и универзална вредност која во исто време, поради однесувањето на луѓето е и многу фрагилна. Ние кои живееме на Балканот, таа фрагилност ја почувствувавме во поновата историја, поточно од распадот на некогашна Југославија, а цената беше висока со илјадници изгубени животи, разрушени домови, уништени ресурси. Сепак, со помош на меѓународната заедница сфативме дека сè, па дури и најтешките прашања и разлики на крајот се решаваат со дијалог. Значи, за секој конфликт решението треба да се бара исклучиво преку дијалог, рече Џафери во обраќањето.

Посочи дека сите земји од Западен Балкан го дефинирале членството во евроатланските организации како стратешка определба.

– Тоа е определба која не прави уште поодговорни затоа што од една страна работиме дома за да создадеме услови за внатрешна стабилност и развој, меѓутоа во исто време имаме одговорност да работиме и за стабилноста и развојот на регионот. Нема потреба да потсетувам дека тоа се принципи и стандарди кои се неопходни за да се стане членка во евроатланските организации, рече Џафери.

Потсети дека во билатералните односи меѓу државите се уште има отворени прашања, посочувајќи го спорот за името што Македонија го има со Грција и е причина за застојот во процесот на интегрирањето во ЕУ и НАТО, како и односите меѓу Косово и Србија, кои влијаат на целокупната стабилност во регионот.

Како корисна алатка за подобрување на соработката во регионот, Џафери ја посочи таканаречената парламентарна дипломатија.

– Парламентарната соработка во регионот игра голема и позитивна улога во билатералните и мултилатералните односи, како и во натамошното јакнење на стабилноста и евроатлантската перспектива на регионот. Да не заборавиме дека денес парламентите се најодговорни за доследното почитување на човековите права и слободи, за владеењето на правото и правната држава. Тоа се стандарди и принципи без кои не може да се гради мир и стабилност, како на ниво на држава, така и на ниво на регион.рече претседателот на македонското Собрание.

Најави дека Собранието на Република Македонија ќе продолжи со својата меѓународна активност на сите нивоа, активно ќе се вклучува во реализација на која било иницијатива или предлог што ќе води кон јакнење на стабилноста во регионот и неговата евроатланска перспектива.

На конференцијата во Приштина на претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери му е доделена плакета Амбасадор за мир од страна на Федерацијата за универзален мир (Европа).



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top