Џафери: Пред точно 110 години албанските интелектуалци јасно ја избраа својата цел и го вперија погледот кон Запад

Среќен сум и во исто време почестен што сум домаќин на оваа величествена вечер, кога одбележуваме 110-годишнина од Битолскиот конгрес, односно 110-годишнина од унифицирањето на албанската азбука, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери..

Тој оцени дека Битолскиот конгрес одржан пред 110 години, според прашањата што се дискутирале и се решиле и поради тоа што на него бил собран интелектуалниот потенцијал на Албанците од секаде низ светот, со право се цени како најзначајниот национален собир во политичката и културната историја на Албанците во почетокот на 20 век.

„Неговите одлуки сочинуваат еден од значајните столбови кои помогнаа во издигнувањето на албанската култура и образование за едно скалило повисоко, меѓутоа и за понатамошна консолидација во насока на развојот и напредокот на Албанците. Поради оваа причина, ние немаме право да ги оставиме во заборав ентузијазмот, волјата, визијата, разумот и храброста на групата преродбеници од Здружението ‘Башкими’ од Битола, кои го свикаа Првиот генерален конгрес за дебатирање и усвојување на унифицираната азбука“, истакна во обраќањето Џафери и додаде дека овој сеалбански собир бил раскрсницата на која албанските интелектуалци јасно ја избрале својата цел, како што рече, вперувајќи ги очите кон Запад.

Тој додаде дека денеска, по 110 години од Конгресот, албанската азбука се слави во една нова реалност.

„Сме пораснале, сме созреале како општество, како држава, како регион и сега работите ги гледаме во една поинаква перспектива, со друг објектив. Дијапазонот е проширен и во него нема простор за бариери, за граници. Всушност, границите и бариерите се само во менталитетот на оние кои останале заглавени во тмурните ходници на едно минато време“, нагласи Џафери.

Тој посочи дека новите генерации со волјата, со трудољубивоста, интелектот и знаењето што го поседуваат, грабат напред со извонредни чекори.

„Ние што сме актуелно на позиции да донесуваме одлуки значајни за иднината на државите, граѓаните, нашата младина и нашите деца имаме обврска и морална должност ова да го овозможиме, да го олесниме за нивниот потенцијал, нивниот придонес за општеството, за државата и за регионот да се види, да се цени и да се ужива од сите“, порача претседателот на македонскиот парламент.

На свеченоста по повод 110-годишнината од унифицирањето на албанската азбука во Македонската филхармонија присуствуваат албанскиот претседател Илир Мета, претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Османи и Шекеринска, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и други високи државни функционери.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top