Џафери-Шурман: Македонија и Холандија соработници во промоција на мирот и демократијата

Република Македонија и Кралството Холандија имаат долга историја на соработка во областа на одбраната и безбедноста.

Министерот за одбрана на Република Македонија Талат Џафери денеска во Скопје се сретна со амбасадорката на Кралството Холандија Мариет Шурман.

На средбата, како што соопштија од Министерството за одбрана, била потврдена одличната соработка помеѓу двете земји во областа на одбраната.

Министерот Џафери во оваа прилика се заблагодарил за континуираната поддршка на Кралството Холандија во развојот на капацитетите на Министерството за одбрана и на Армијата на Република Македонија. Кралството Холандија, посочил Џафери, е наш докажан пријател и партнер, со кој неуморно ќе продолжиме да работиме на сопствениот раст и развој.

Во контекст на успешно реализираните проекти, го посочил и Проектот за развој на капацитетите за односи со јавност, особено во областа на издавачката дејност, кој продолжува и во 2014 година.

Амбасадорката Шурман, пак, истакнала дека Кралството Холандија и понатаму ќе продолжи да биде силна поткрепа на развојните и реформските процеси во Министерството за одбрана, како и недвосмислен поддржувач на евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија и на промоцијата на почитувањето на човековите права, демократијата и еднаквоста.

Република Македонија и Кралството Холандија имаат долга историја на соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, како што истакнуваат од МО, се карактеризира со висок степен на реализација на планираните активности на годишно ниво. Дел од тие активности се однесуваат на едукацијата и образованието, донации во опрема и реализација на проекти во различни области.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top