Џевад Адеми: Ќе беше сензација ако Милошоски зборуваше на албански јазик

Тој и да го знае албанскиот јазик нема да сака да го зборува. Таков е неговиот ментален склоп. - рече Адеми.

Џевад Адеми, пратеник од ДУИ денеска ги повика пратениците во расправата во Комисијата за европски прашања да гласаат за предложениот Законот за употреба на јазиците затоа што станува збор за закон кој ги унапредува правата на граѓаните и кој е во рамки на Уставот и на Охридскиот рамковен договор.

- Што е неуставно во Законот за употреба на јазиците по 29 јануари - ги праша Адеми пратениците од опозицијата тврдејќи дека станува збор за закон кој е сосема ист со сегашниот. 

Тој, додаде дека е против ставот на Милошоски дека предлог законот ги надминува рамките на употребата на албанскиот јазик пропишани со Уставот. Законот за употреба на јазиците, рече Адеми, не е ниту против македонскиот јазик, ниту против турскиот, ниту против било кој друг јазик што се зборува во Македонија.  

- Имав надеж дека овој Закон ќе го гласаме сите. Човечки е да се греши, а доблест е да се учи од грешките. Расправаме за универзално право - право на употреба на јазик. Граѓаните ги плаќаат давачките према државата, па треба и државата да покаже дека мисли на нив. - рече Адеми кој прво од говорницата се обрати на албански јазик, а потоа и на македонски:

- Со моето обраќање на македонски јазик сакам да покажам, дека не ми пречи јазикот за да се разбереме меѓу себе. Ќе беше сензација ако Милошоски ми се обратеше на албански јазик. Тој и да го знае албанскиот јазик нема да сака да го зборува. Таков е неговиот ментален склоп.- рече Адеми. 

На ова реагираа пратениците Милошоски и Илија Димовски, по што Адеми сакајќи да го корегира речникот додаде:

- Ок.Ок. Има ограничен вредносен систем.  



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top