Џонсон: Велика Британија ќе ги олабави правилата за имиграција на научници

Велика Британија ќе ги олабави своите имиграциски правила за да привлече повеќе врвни научници после брегзит воведувајќи брзи визи, рече денес премиерот Борис Џонсон, пренесе Ројтерс..

„Денес објавуваме дека ги менуваме правилата за имиграција за да ја направиме Велика Британија уште поотворена, уште погостопримлива за научници од целиот свет“, рече Џонсон.

Забрзаниот пат за имиграција, кој владата се надева дека ќе го започне подоцна годинава, ќе биде воспоставен да привлече „елитни“ истражувачи и специјалисти од инженерство, наука и технологија, соопштија од канцеларијата на Џонсон.

Опциите за новиот систем, кој ќе биде создаден по дискусии со водечки институции и универзитети, вклучува укинување на ограничувањето на бројот на оние кои се квалификувани за сегашните Визи за исклучителни таленти (Ниво 1) и создавање критериуми што овозможуваат автоматско одобрување, предмет на проверка на имиграцијата.

„Сакаме Британија да биде најпросперитетна економија во Европа со имиграциски систем кој ги привлекува најпаметните и најдобрите светски таленти“, рече министерката за внатрешни работи Прити Пател.

„Нашиот нов брз пат до виза ќе биде клучен дел од тоа – кој ќе ги охрабрува врвните научници и истражувачи од целиот свет до нашите брегови“.

Новите планови следат по веќе најавениот предлог од Џонсон за имиграциски систем во австралиски стил базиран на поени, соопшти неговата канцеларија.

Тој додаде дека владата, исто така, ќе обезбеди дополнително финансирање за научници и истражувачи, кои побарале финансирање од Европската унија пред излезот на Велика Британија од блокот, за кој Џонсон вети ќе се случи до 31 октомври.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top