Џордан се расплака во говорот за „својот мал брат“ Коби

Синоќа се одржа поменот „Прослава на животот“ во чест на Коби и Џиџи Брајант. Пред повеќе од 20.000 присутни во „Стејплс центарот“ говореа многумина, а покрај Ванеса Брајант, особено се издвојува говорот на големиот Мајкл Џордан..

„Благодарен сум и на Ванеса и семејството на Брајант за шансата да говорам денеска. Коби беше најголем во се. Како кошаркар, како татко, како сопруг, никогаш ништо не оставаше во својот ’резервоар’, секогаш го оставаше срцето на терен, во се што правеше. Коби и јас бевме блиски пријатели, ми беше како помал брат. Додека сите останати сакаа да не споредуваат, да зборуваат кој е подобар, јас сакав да зборувам за Коби. Сите имаат помлад брат или сестра, кои сакаат да ве копираат, да станат исти како и вие и тоа восхитување кон вас, се претвора во љубов. Тие сакаат да го знаат секое делче од вашиот живот и не се откажуваат. Исто така и мене Коби ми се јавуваше навечер, во текот на ноќта, рано наутро. На почетокот тоа ми беше многу напорно, но потоа се претвори во страст. Не можете ни да замислите колку страст имаше во тој човек. Зборувавме за се, за животот, за работата, но најмногу сакаше да биде – што е можно подобар човек. Сакаше да стане што е можно подобра личност, секој ден.

Коби сакаше да биде најдобар кошаркар, а јас сакам да бидам најдобриот постар брат. За да го направам тоа, морав да го прифатам, да одговарам на сите негови прашања, да ги „трпам“ сите негови разговори. Умееше да биде многу напорен, но и на секој од нас да му ја пронајде „жичката“ и да допре до нас. Можев да зборувам со часови со него, и верувајте, таквите разговори не можете да ги водите со било кого. Му се восхитувам на неговата страст во се што работеше, каков беше кон своето семејство, што тој и Ванеса направија и створија… Имам ќерка од 30 години, неодамна станав дедо на близнаци и едвај чекам да дојдам дома да ги прегрнам.

Кога Коби умре, умре и дел од мене, а гледам и по сите вас, дека умре и дел од вас. Тој беше најдобриот кошаркар кој сум го гледал и најдобрата личност која ја познавав. Почивај во мир мал мој брату“.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top