Џозеф: Ако јас бев Македонец, ќе гласав на референдумот заради безбедна иднина

Граѓаните сами да ги читаат и слушаат изјавите од лидерите, за да не бидат под влијание на разни пропаганди, вели долгогодишниот аналитичар за Балканот од Вашингтон.

Средбата на премиерот Зоран Заев и потпретседателот на САД Мајк Пенс претставува силна порака од американската Влада за поддршка на позитивен исход на референдумот на 30-ти септември, вели Едвард Џозеф, долгогодишен аналитичар за Балканот.

„Потпретседателот Пенс објави соопштение, кое целосно ги поддржува Договорот од Преспа и членството на Македонија во Европската унија и НАТО“, изјави Џозеф.

Тој вели дека ако бил граѓанин на Македонија, независно дали етнички Македонец, етнички Албанец или припадник на која било друга заедница, без никаков сомнеж би гласал на претстојниот референдум.

„Ова е одличен договор кој става крај на 20-годишниот ќорсокак со Грција и на борбата за македонскиот идентитет. Овој договор всушност го заштитува македонскиот идентитет. Не само што значи целосно признавање на државата од Грција и полноправно членство во НАТО, туку значи и признавање на македонскиот јазик“, рече тој.

Џозеф смета дека овие денови пред референдумот има многу групи кои се обидуваат да шират пропаганда, многу медиуми на кои не може да им се верува, поради што луѓето мора да ги слушаат изјавите лично од секој лидер.

„Кога потпретседателот Пенс објавува изјава како оваа тоа е оригинален извор и нема потреба да слушате ничии коментари, вклучително и моите. Секој може да чита и да ги проверува информациите“, објаснува Џозеф.

Според него, граѓаните треба да ја препознаваат надворешната пропаганда од Русија и Унгарија, како и да гласаат за нивната иднина, со цел државата да биде безбедна и дел од НАТО и ЕУ.

Верува дека македонскиот народ ќе го препознае вистинскиот пат, оставајќи ја зад себе референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, и оти ќе гласа позитивно за своја достоинствена иднина.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top