Џули Бишоп именувана за в.д. премиер на Австралија

Турнбул ја одложи до понеделник долго планираната посета на Израел и одржа итен состанок на кабинетот.

Австралискиот премиер Малколм Турнбул ја именуваше денеска министерката за надворешни работи Џули Бишоп за вршител на должност премиер на Австралија, која таа ќе ја извршува додека трае неговата посета на Израел.

Тоа се случува во момент кога премиерот се обидува да ги спречи последиците од т.н. „криза на двојно државјанство“, која би можела Владата да ја чини губење на мнозинството во Парламентот.

Турнбул ја одложи до понеделник долго планираната посета на Израел и одржа итен состанок на кабинетот, со цел да добие поддршка откако Врховниот суд на Австралија вчера пресуди дека вицепремиерот Барнаби Џојс и уште четворица членови на Сенатот треба да бидат отстранети од Парламентот бидејќи имале двојно државјанство.

Турнбул изјави дека функцијата вицепремиер ќе остане слободна до 2 декември, кога ќе се одржи дополнителен избор за местото на Џојс во Парламентот, а Бишоп, која е член на Либералната партија на Турнбул, ќе биде вршител на должност премиер кога тој ќе замине во Израел.

Одлуката на Врховниот суд имала непосредни последици, бидејќи се доведува во прашање владејачкото мнозинство, кое за само едно место имаше предност во Долниот дом на Парламентот.

На Турнбул сега ќе му биде потребна поддршка од еден до три независни пратеници, за да може да опстои неговата малцинска Влада. Најмалку двајца независни пратеника ветиле поддршка, но под одредени услови.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top