Една по една паѓаат пречките за избори

Дека има услови за одржување на изборите говори и позитивниот одговор на ОБСЕ/ОДИХР дека се подготвени да продолжат со набљудувачката мисија на парламентарните избори во Република Северна Македонија, се вели во соопштението на СДСМ..

На лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски денеска се очекува претседателите на парламентарните партии да го договорат датумот на кој ќе се одржат предвремените парламентарни избори, кои во март беа замрзнати поради здравствената криза со коронавирусот.

Откако Уставниот суд не поведе постапка за владината Уредба од 22 март, со која беа прекинати изборите, во јавноста преовладува ставот дека нема никаква пречка изборите да продолжат од местото каде што застанале. Изборните дејства беа прекинати на 22 дена пред гласањето, односно на еден ден пред почетокот на официјалната предизборна кампања, а во заклучокот на Државната изборна комисија што беше донесен по Владината уредба, е наведено дека „сите преостанати дејствија кои произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник кој ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањерто на вонредната состојба и донесувањето на новата Уредба  на Владата за изборниот процес“.

Избори на 21 јуни?

Ова, според СДСМ, значи дека гласањето треба да се одржи дваесетина дена по прекинот на вонредната состојба. Претседателот Пендароски во петокот донесе трета одлука за прогласување на вонредна состојба во траење од 14 дена, односно до 30 мај. Ако изборите бидат договорени по буквално 22 дена од прекинот на вонредната состојба, тогаш датумот е 21 јуни, односно кампањата ќе почне на 31 мај и ќе трае точно 20 дена до 19 јуни, па на 20 јуни би бил предизборниот молк и на 21 јуни гласањето. Ако падне договор да биде оставена дополнителна седмица за ажурирање на Избирачкиот список, изборното соочување ќе се случи на 28 јуни.

Но, претседателот на ДИК Оливер Дерковски не се согласува со овие толкувања и смета дека треба да се остават денови за ажурирање на Избирачкиот список, што е потребно за да не се повреди гласачкото право на граѓаните, за што според Дерковски би биле потребни до 50 дена. Тој најави дека нема да се потпише на Избирачкиот список ако не биде оставено доволно време да биде ажуриран. Дерковски вели дека ДИК е должна да ги испочитува законските рокови за да постапи по своите надлежности, но случувањата со пандемијата бараат и дополнително повеќе време, пари и други ресурси за успешно организирање на изборниот процес, без да биде загрозено здравјето на граѓаните. На ист став е и ВМРО-ДПМНЕ, според кои се уште нема здравствени услови за безбедни избори и тие предлагаат да се одржат најрано во втората половина на јули.

ОД СДСМ вчера порачаа дека, според сите параметри и официјални податоци, епидемијата е ставена под контрола и создадени се услови за одржување на предвремените парламентарни избори согласно протоколите за заштита.

– Тоа не сакаат да го прифатат Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, зошто знаат дека нивната неодговорност и деструктивност им гарантира изборен пораз. Дека има услови за одржување на изборите говори и позитивниот одговор на ОБСЕ/ОДИХР дека се подготвени да продолжат со набљудувачката мисија на парламентарните избори во Република Северна Македонија. СДСМ како одговорна партија во овој важен период има три приоритети – заштита на здравјето на граѓаните, брза трансформација на економијата и функционални институции, како гарант на демократијата. Токму затоа сметаме дека предвремените парламентарни избори треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања и гласањето да бидат усогласени со заштитните протоколи. ДИК по крајот на вонредната состојба, треба да ги заврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите. СДСМ нема да дозволи неодговорен политичар како Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, да ги попречат демократските процеси и вештачки да создадат криза – соопшти вчера портпаролката Богданка Кузевска.

Пендаровски: Што ќе договори политиката, ДИК ќе исполни

Од ВМРО-ДПМНЕ не се уверени дека здравствената криза е под контрола и ја обвинуваат СДСМ и лидерот Зоран Заев дека „упорно туркаат избори на штета на здравјето на граѓаните, за да го намалат изборниот пораз“.

„Здравствените експерти предвидуваат дека пандемијата нема да се подобри во брзо време. Само вчера беа детектирани 22 новозаболени, а еден наш сограѓанин почина заради корона вирусот. Бројките покажуваат дека министерот за здравство Венко Филипче по диктат од неговиот шеф Заев не прави доволно тестирања само за да не ја прикаже вистинската слика во Република Македонија. Само за споредба Република Македонија на 2 милиони граѓани има тестирано 9.034 граѓани, додека пак Словенија на 1 милион жители има тестирано 30.221 граѓани“, соопштија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Со вакви позиции денеска Заев и Мицкоски ќе се обидат на лидерската средба кај Пендаровсаки да најдат заеднички јазик. Претседателот во петокот објасни дека на минатата лидерска биле побарани три документи од надлежни институции пред да биде донесена одлука за одржување на избрите – здравствен протокол за гласање, договор од ОБСЕ/ОДИХР дека ќе обезбедат меѓународен мониторинг и мислење од ДИК.

– Проценката од здравствениот протокол што го изработи Комисијата за заштита од заразни болести е дека се додека не се најде вакцина против корнавирусот изборите секаде во светот ќе се одржуваат под посебен режим. Во мислењето на ДИК, кое е усвоено едногласно, се цитираат законските рокови кои се неопходни за да се извлече транспарентен изборен процес. ДИК не кажува, а и не е нејзина надлежност да го каже датумот за збори. Кога ќе биде решено кога ќе се одржат, ќе и се каже на Комисијата и тие ќе се прилагодат на тоа што ќе го одлучи политиката.  Ако политичарите донесат одлука за датумот, од ДИК ќе ја испратат таа одлука соодветно на актуелната законска рамка.  Сега има една рамка, а ако во меѓувреме се донесе некоја друга, тие ќе ја испочитуваат – рече претседателот Пендаровски по лидерската средба во петокот.

Извор: Слободен Печат


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top